Добрососедските односи со Србија да продолжат и во следниот период, со продлабочување на економската соработка. Вакви се очекувањата на премиерот Мицкоски и неговата Влада, по политичката промена во соседството и победата на изборите на Студентската листа, предводена од Илија Срдановиќ.
Обвинувањата и напади од опозицијата, премиерот ги оцени како обид за политичка пресметка, на кои не возвраќа. Од СДСМ, пак, очекуваат политичките промени во Србија да отворат пат за истраги и во Македонија, тврдејќи дека тие би можеле да откријат наводни врски меѓу политички, бизнис и криминални интереси.
„Очекувам нашите добрососедски односи да продолжат и понатаму. Очекувам, како добри соседи, да работиме на зголемување на нашата економија и во едната и во другата земја. Јас им се извинувам на граѓаните што во периодот којшто следи ќе бидат сведоци на една ваква кампања којашто изобилува со ад-хоминем напади, со навреди, со многу ниски страсти коишто опозицијата ќе ги упатува кон мене во најголема мерка. Но, тоа е што е, ние ќе се бориме со реформи, со проекти, со политики коишто обезбедуваат иднина“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
На парламентарните избори во Србија, Студентската листа победи со над 615.000 гласови разлика, но резултатите од гласањето во Македонија покажуваат поинаква слика. Во Куманово, партијата на Александар Вучиќ, СНП, освои 92,41 проценти од гласовите, односно 487, наспроти 35 за Студентската листа.
Во Скопје, СНП доби 508, а студентите 165 гласа. Сепак, поддршката за партијата на Вучиќ е намалена во споредба со изборите во 2023 година, покажуваат официјалните податоци на српската Републичка изборна комисија.
Петар Догов













