Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Маѓепсан круг на државни должници – ПИОМ му должи на ФЗО, ФЗО на болниците, а тие кај стигнат

/

Македонија

Сподели преку :

Државни институции му должат десетици милиони евра на Фондот за здравство, па Фондот не им плаќа навремено на болниците за лекови и здравствени услуги, покажува ревизорскиот извештај за работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2024 година.

Потоа, здравствените установи немаат пари да си ги платат нивните трошоци, па постојано се на листата на најголеми државни должници. Податоците од Министерството за финансии од првиот квартал покажуваат дека само најголемите десет должници меѓу здравствените установи имале 93 милиони евра доспеани, а неплатени обврски.

Ревизорскиот извештај за работата на Фондот за здравство покажува дека Фондот за пензиско, кој го плаќа здравственото осигурување на пензионерите, му должи 137 милиони евра. Во април годинава, било платено здравственото за пензионерите за јули 2025. Во изминатите три години се зголемува јазот меѓу тоа што требало и тоа што било платено. Дополнително, Министерството за здравство, кое го плаќа осигурувањето на невработените и на луѓето со ниски примања, му должи на ФЗО уште 35 милиони евра.

–Наведените состојби, кои произлегуваат од недоволното и ненавремено обезбедување на средства по двата основа, имаат кумулативно негативно влијание врз ликвидноста на Фондот. Со тоа се ограничува неговата способност за навремено сервисирање на обврските кон јавните здравствени установи, се наведува во ревизорскиот извештај за работата на Фондот за здравствено осигурување во 2024.

Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, пак, велат дека зголемувањето на пензиите донело и повисоки трошоци за здравствено осигурување на пензионерите, кое сега е 11,8 отсто од пензијата.

–Зголемување на обврските се должи на историското зголемување на пензиите од 7 илјади денари од 2024 година. На тој начин се зголемени и обврските на Фондот за ПИОМ кон ФЗО. Вкупното зголемување на пензиите во 2026 во споредба со 2024 е околу 500 милиони евра на годишно ниво, што значи и зголемена обврска на Фондот за ПИОМ за здравствено осигурување во висина од околу 60 милиони евра. Без разлика на ова административно зголемена обврска, пензионерите си ја добиваат и ќе продолжат да ја добиваат здравствената заштита без разлика на меѓуинституционалните долгови, вели директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов.

Од друга страна, тоа го отвора и прашањето за државното планирање при зголемувањето на пензиите, односно дека владата морала да предвиди поголемите пензии ќе донесат и повисоки трошоци за здравствено осигурување на пензионерите. Од почетокот на годинава, стапката на здравствено осигурување на пензионерите се намали од 13 % на 11,8 отсто, инаку долгот ќе беше уште поголем.

Ревизорите констатирале слабости во информатичкиот систем, недоволни контроли кај приватните болници и за лекувањето во странство кое го плаќа ФЗО, како и проблеми во спроведувањето на тендерите.

Срѓан Стојанчов

 

Jumbo 2