М-нав отсега ќе го контролира и менаџира авиосообраќајот со нов систем (АТМ), кој веќе е ставен во функција, а новиот радар се очекува да проработи најдоцна до октомври. Тој е поставен на контролната кула на Меѓународниот аеродром Скопје и сè уште се спроведуваат строги тестови пред конечно да биде вклучен во самиот АТМ систем.

Според директорот на Македонска навигација (М-нав), овој систем е од исклучително значење бидејќи новата технологија создава стабилна и современа основа врз која треба да се развива целиот систем во воздухопловната навигација.

„Со новиот АТМ-систем, пред сè ја стабилизираме М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација, обезбедуваме повисоко ниво на сигурност, континуитет во давање на услугите, а ова е особено важно во период во кој воздушниот сообраќај низ македонскиот воздушен простор бележи енормен пораст“, рече Владимир Ристески, директор на М-нав.
Со новиот систем ќе се намали оптоварувањето на контролорите на летање, што ќе ја зголеми нивната ефикасност, а тоа ќе придоне за зголемување на капацитетот на македонскиот воздушен простор.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, потсети дека постапката за набавка на системот започнала во 2014 година, а договорот со италијанската компанија „Леонардо“ бил склучен во 2018 година. Според него, до 2024 година немало активности за реализација на договорот, додека со новото раководство на М-нав започнала интензивна работа на неговото инсталирање и ставање во функција.
Што се однесува до новиот радарски систем, иако договорот за него бил склучен во 2022, активностите за негова инсталација започнаа дури во 2025.

„Со воведувањето на овие два системи целосно го покриваме македонското небо на највисоко ниво што во моментот во светот може да се најде на контрола и безбедност“, рече министерот Николоски.
Тој посочи дека во првата половина годинава над Македонија прелетале околу 173.000 воздухоплови, што е зголемување од 12,2 отсто во однос на истиот период лани, а само во јули биле регистрирани околу 42.000 прелети над македонското небо.













