Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Левица: Родилките остануваат без приходи со месеци, добиваме сведоштва дека дел од нив не добиле никаква исплата

/

Македонија

Сподели преку :

И покрај бројните јавни реакции и ветувањата дека проблемот со неисплатените породилни отсуства ќе биде надминат, хаосот со исплатата на породилните надоместоци продолжува, реагираше денеска на прес-конференција Евгенија Станкоска од Централниот комитет на Левица.

Таа истакна дека до партијата во изминатите денови повторно пристигнале бројни сведоштва од родилки кои потврдуваат дека дел од нив не добиле никаква исплата, дел добиле само дел од средствата што законски им следуваат, а дел сè уште немаат никаква информација кога ќе им биде извршена исплатата.

Посебен акцент беше ставен на жените кои се на боледување поради патолошка бременост.

„Станува збор за жени со сериозни здравствени компликации и дополнителни трошоци, кои токму во периодот кога финансиската сигурност им е најпотребна, остануваат без приход со месеци“, додаде Станкоска.

Таа нагласи дека породилниот надоместок не претставува владина помош, туку законско право кое произлегува од работниот однос и од придонесите што работничките со години ги уплаќаат во системот.

Станкоска упати критика до новиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински за кого рече дека не успеал да стави крај на проблемот.

„Додека министерот за здравство, Сашо Клековски не може да се дистанцира од одговорноста, имајќи предвид дека до неодамна ја извршуваше функцијата директор на Фондот“, посочи Станкоска.

Таа на денешната прес-конференција побара „итна исплата на сите заостанати породилни надоместоци, јавно објаснување за делумните исплати, воспоставување јасни и фиксни рокови за исплата на породилните надоместоци.

Од партијата порачаа дека односот кон мајките не се покажува со декларативни повици за повисок наталитет, туку преку навремено исполнување на законските обврски кон родилките.

Jumbo 2