Орце Ѓорѓиевски денес повторно покажа дека функцијата градоначалник ја разбира првенствено како ПР-платформа за лична промоција и партиски пресметки. Од непроверена порака што кружеше низ преписки за наводна неисправност на водата, успеа да произведе политички спектакл, да ги прогласи скопјани за хистерични и да ја обвини опозицијата дека е единствениот причинител на недовербата на граѓаните во власта, реагираат од Левица.
Според партијата надлежните институции од него и неговата потреба за ПР беа спречени навремено, професионално и без политичка врева да ја информираат јавноста. Очигледно, за Ѓорѓиевски не е доволно институциите да си ја завршат работата. Потребна е камера, конфликт, политички непријател и, секако, потребен е Орце во центарот на кадарот.
- Ако веќе Ѓорѓиевски воведува практика без доказ да одредува кој стои зад некоја порака, тогаш со истата логика јавноста може да праша и дали пораката можеби била пуштена од кругови блиски до ДПМНЕ – за потоа истата власт да ја демантира, да произведе прес-конференција и да си запише уште еден измислен триумф. Бизарна денешната експресна решителност на Ѓорѓиевски ако се потсетиме на Лепенец. Пред само неколку недели реката беше прекриена со пена, а градоначалникот ветуваше дека загадувачот ќе биде откриен, дека ќе следуваат санкции и дека немало да има толеранција за никого. Денес јавноста сè уште нема никаков епилог за тоа кој го предизвикал инцидентот и кој понел одговорност, реагираат од Левица.
А токму ваквото владеење преку спектакл наместо преку резултат ја создава недовербата која Ѓорѓиевски денес ја нарекува хистерија. Граѓаните не се вознемируваат затоа што некоја опозиција им наредила да се плашат, туку затоа што со децении гледаат партизирани институции, кадровски импровизации, гласни ветувања без епилог и функционери кои се одлучни само додека работат камерите. Довербата не се гради со прес-конференциски темперамент, туку со компетентност, транспарентност и одговорност.













