Претходно предупредивме дека Македонија се искачи на европскиот врв по случаи на западнонилска треска по глава на жител. Денес состојбата е уште потешка – последниот домашен пресек регистрира 53 пациенти кои ја прележале болеста, се лекуваат или се водат како сомнителни, од кои 50 се лабораториски потврдени, а вчера бројот на починати се искачи на шест. Со други зборови, додека ДПМНЕ ја објаснува епидемијата преку вазни на гробишта, епидемијата продолжува да ја објаснува неспособноста на ДПМНЕ, стои во денешното соопштение на Левица.
Од партијата вела дека пресметано на население од околу 1,77 милиони жители, 50-те потврдени случаи значат инциденца од околу 2,82 случаи на 100.000 жители. Ако се земат сите 53 досега евидентирани и сомнителни пациенти, стапката е практично 3 случаи на 100.000. Шесте смртни исходи, пак, претставуваат околу 0,34 починати на 100.000 жители. А суровиот леталитет меѓу лабораториски потврдените случаи е 12% – шест починати на 50 потврдени.
– Во последниот целосно споредлив пресек на ECDC, со податоци заклучно со 21 август, 12 европски земји пријавиле вкупно 625 локално стекнати случаи. Македонија имала 37 и била четврта во Европа дури и по апсолутен број – зад Италија, Грција и Шпанија. Малата Македонија сама учествувала со речиси 6% од сите локално стекнати случаи во тој европски пресек. Пресметано по население, тие 37 случаи се околу 2,09 на 100.000 жители – приближно 38% над грчката стапка, речиси четири пати над италијанската и повеќе од 16 пати над шпанската.
Уште понепријатен за власта е европскиот контекст. Во последниот детален месечен извештај на ECDC/EFSA, заклучно со 5 август, Европа имала 245 случаи наспроти десетгодишен просек од 403 за истиот период. Значи, европската сезона во тој момент била околу 39% ПОД историскиот просек. Истовремено, Македонија оди во спротивна насока – кон најлошата сезона откако воопшто се води оваа статистика. Затоа општото повикување на временските услови, миграцијата на птиците или европските трендови не може да биде алиби за македонскиот дебакл: Европа е под својот просек, додека Македонија во едно лето руши апсолтутни бројки од 15 години вкупно, објавува Левица.
Од првиот регистриран случај во Македонија во 2011 година до крајот на 2025 година, ИЈЗ евидентирал вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи. Само во 2026 година веќе имаме 50 потврдени и шест починати. Едно лето произведе број на потврдени случаи еднаков на 92,6% од целиот биланс на претходните 15 години, а бројот на починати веќе е 20% поголем од сите смртни исходи од 2011 до 2025 заедно.
Исто така, алармантна е структурата на заболените. Од 53 евидентирани и сомнителни пациенти, Министерството за здравство соопшти дека дури 52 се со невроинвазивна форма тоа е 98,1%. Во последниот детален европски пресек, невролошки манифестации имале 58% од пријавените случаи, а десетгодишниот европски просек е 64%. Македонскиот удел, значи, е за околу 40 процентни поени над тековниот европски пресек. И самиот ИЈЗ објаснува дека околу 80% од сите инфекции воопшто немаат симптоми, додека помалку од 1% од инфекциите во природниот тек на болеста развиваат тешка форма. Кога речиси целиот регистриран македонски биланс е составен од невроинвазивни пациенти, тоа отвора огромно прашање – колку широко вирусот навистина циркулира, а колку малку системот го забележува пред пациентот да заврши со менингитис или енцефалитис?, прашуваат од Левица.
ДПМНЕ денес ја контролира целата вертикала што требаше да реагира – Министерството за здравство, здравствените институции, Град Скопје и најголем дел од локалната власт во погодените подрачја. Затоа, по шест починати не е доволно Клековски да брои прскања, да испраќа СМС-пораки и да констатира дека вирусот е “непредвидлив“. Државата мора јавно да ги објави резултатите од ентомолошкиот надзор, тестирањето на комарците за WNV, густината и распространетоста на векторите, проверките за резистентност на употребените инсектициди, ефектот од секој извршен третман и целосната хронологија на мерките преземени од првиот европски случај во мај до денес. Прскање без мерење на ефектот не е доказ за успешна превенција.













