Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска на прес конференција реагираше дека Обвинителството молчи, иако партијата пред неколку месеци доставила пријави, документи, докази и информации за сериозни случаи на сомнежи за криминал, корупција, злоупотреби и загрозување на здравјето на граѓаните.
„Кога Мицкоски ќе најави кој ќе биде обвинет, институциите веднаш се активираат. Но кога СДСМ доставува документи и пријави за функционери на власта – настанува тишина“, изјави Кузеска прашувајќи до каде е кривичната пријава за труењето со вода во Гостивар?
Кузеска потсети дека 5.000 граѓани таму завршија во болници, по што опозицијата поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашко Клековски и раководни лица во здравствените институции.
-Биле ли повикани на распит? Кој ќе одговара? Зошто се молчи – праша Кузеска.
Таа праша и до каде се предметите за како што рече, криминалните тендерите од 100 милиони евра?
Антикорупцискиот тим на СДСМ досега објави случаи на криминални тендери вредни над 100 милиони евра, поднесе официјална пријави, кривични, документи и докази. Поминаа девет месеци од првата пријава. Нема ништо. Не се знае дали некој е повикан, дали се проверени доказите, кој е одговорен – додаде Кузеска.
Таа се осврна и на други случаи за кои претходно СДСМ упати обвинувања на адреса на власта.
„Последниот скандал, со новите договори од 1,5 милиони евра во Министерството за дигитална трансформација. Колку милиони евра треба да бидат во прашање за институциите да се разбудат? Зошто никој не одговара за нападот врз младите во Ново Село?До каде е кривична пријава против полициски службеници и Манасиевски за доверливи службени документи кои завршија во партискиот штаб на ВМРО“, додаде Кузеска на денешната прес конференција.













