Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Куманово бележи пораст на цревни инфекции – лекарите апелираат на внимателност

/

Македонија

Сподели преку :

Зголемен број пациенти со гастроентероколити и други цревни инфекции во изминатите два месеца регистрираат лекарите од Инфективното одделение при Општата болница Куманово.

Раководителката на Одделението, д-р Валентина Џартовска вели дека бројот на пациенти е зголемен особено во летниот период, кога високите температури, патувањата и собирањата во поголеми групи придонесуваат за ширење на инфекциите. На дневно ниво, во одделението се прегледуваат повеќе од 100 пациенти.

„Сега некако повеќе се зголемува бројот на пациенти, особено во екот на летната сезона, со зголемувањето на температурите. Климатските промени секако имаат влијание, а тука се и патувањата на луѓето и собирањето во поголеми групи. Зголемен е бројот на нашите пациенти, со предоминација на гастроентероколити или цревни инфекции. Застапени се сите возрасни групи. На дневно ниво имаме повеќе од 100 пациенти“, изјави д-р Џартовска.

Поголемиот дел од инфекциите поминуваат со полесна клиничка слика и пациентите немаат потреба од хоспитализација. Најчести симптоми се повраќање, дијареа и мачнина, а може да се појават и зголемена температура, болки во стомакот, болки во мускулите, главоболка и дехидратација. Докторката појаснува дека тежината на симптомите и ризикот од дехидратација зависат и од возраста на пациентот.

„Јачината на симптомите кај цревните инфекции зависи и од возраста. Дехидратацијата може да биде поизразена кај малите деца и кај повозрасните, но кај нив состојбата може да биде дополнително комплицирана и поради хроничните заболувања што ги имаат. Затоа манифестациите може да бидат и од страна на други органи, а не само како последица на дехидратацијата“, изјави д-р Џартовска.

Како најважна мерка во почетната фаза на инфекцијата ја издвојува рехидратацијата, односно внесот на доволно течности. Таа препорачува во летниот период да се внесува полесна храна и да се посвети особено внимание на начинот на чување и подготовка на намирниците. Храната што треба термички да се обработи треба да биде добро обработена, а намирниците, овошјето и зеленчукот добро измиени пред употреба.

Jumbo 2