Комбе со кое се вршел организиран превоз на ученици било запрено и контролирано утрово на локалниот пат Куманово–Табановце, при што полицијата утврдила дека во возилото се превезувале двојно повеќе патници од дозволеното.
Во комбето со кумановски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Куманово, биле превезувани 18 деца, иако според сообраќајната дозвола возилото било регистрирано за превоз на најмногу девет лица, вклучително и возачот.
Со возилото управувал 49-годишниот С.П. од Куманово.
При контролата бил извршен и вонреден технички преглед, при што стручните лица утврдиле техничка неисправност на возилото. Констатирани биле неисправности на уредите за сопирање, односно на силата на сопирање на работната и помошната кочница.
Против правниот субјект, одговорното лице во правното лице и возачот се преземени соодветни мерки и тие ќе се соочат со законски предвидените санкции.
Возилото е исклучено од сообраќај и ќе остане надвор од употреба до отстранување на утврдените недостатоци.













