Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

КОД: Како оди регрутација на млади Македонци за најтешки кривични дела во војната на српско-црногорските кланови

/

Македонија

Сподели преку :

Случај Ј.Г.

Пред неполн месец, на крајот на август, српските медиуми објавуваат информација дека македонски државјанин под сомнение дека е платен убиец е упасен во градот Прибој, неколку километри од границата меѓу Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Оттогаш е во притвор.

Српската полиција објави фотографии од приведениот, односно две лични карти. Една македонска на која се гледа дека уапсениот е роден 2000-та година и се уште нема наполнето 26. Втората е лажна српска лична карта. Уапсениот пред неколку месеци ја напуштил Македонија, велат за КОД, доброинформирани македонски безбедносни извори кои во рамки на следењето на појавата со регрутација на млади платени убијци од Скопје го завеле и овој случај.

Уапсениот е од населба во Ѓорче Петров, а според податоците кои се гледаат на личната карта кои ги потврди и КОД станува збор за Јован Г. Тој има досие во Македонија, повеќе извршени кривични дела, но и поситни прекршоци кои дури ги има и на сајтот на МВР. Живее во населба во општина Ѓорче Петров. Имал искуство со лихварство, и како должник, но и како втерувач на долгови.

Заминал во Србија и веќе бил платен за извршување на убиство, но претходно бил лоциран и следен од српската полиција која го апси во стан во Прибој. Акцијата била прерана и не било утврдено ниту жртвата ниту логистичката поддршка на Јован за дејството за кое српската полиција го сомничи. А тврдењата се дека работел за и бил ангажиран од таканаречениот кавачки клан.

Преку неговиот пример може да се утврди начинот на работа на српските криминални кланови кога организираат тешки насилни кривични дела и убиства на припадници на ривалските криминални групи.

Имаат комуникациски уреди кои се енкрптирани и се користат во затворена група под кодни имиња, во текот на операциите соработуваат со повеќе луѓе кои ги знаат само под кодно име од групата за комуникација, млади се и непознати за српските власти и тамошната криминална сцена, имаат лажни документи и користат станови за престој кои ги менуваат често на неколку дена, со тоа што секој нареден стан е поблиску до местото и таргетот на убиството за кое се најмени.

Случајот со Јован Г. само ги потврдува начинот на функционирање и регрутацијата која српските нарко групи ја прават меѓу македонските младинци пред се од генерацијата родена меѓу 2006-та и 2008-ма.

Регрутација

Метите на регрутација за насилен криминал најчесто се млади луѓе, македонските безбедносни институции утврдиле дека досега најмалку 16 момчиња заминале на криминална печалба во Србија. Најголемиот дел се на возраст до 22 година, а меѓу нив имало и постари малолетници кои во Србија наполниле 18 години. Главно потекнуваат од општините Аеродром, Ѓорче Петров и Карпош. Речиси сите имале проблем со законот или учествувале во активности за продажба на дрога. Голем дел од нив имале нефункционални семејства, а до нив се стигало преку македонски јатаци кои се познаваат со нив преку криминалното милје.

Им се пристапува и им се предлага работа во Србија, им се ветуваат големи пари. Откако тој процес ќе заврши успешно следува премин на границата. Доколку се на потерница во Македонија, границата се минува или со лажни документи или илегално.

Истовремено, момчињата добиваат и посебни уреди за комуникација, телефони, но со апликации кои се додадени за да не може никој да влезе во таа затворена група. Покрај регрутерите, на почеток на ангажманот, младите македонци контактираат и со некој високо поставен припадник на српските криминални кланови и преку уредот добиваат ветувања за големи пари, убав живот, автомобили, скап ноќен провод.

Како уреди или апликации за тајна комуникација се користат најчесто гугл пиксел апаратите чија вредност се движи меѓу 500 и 1300 евра.Тие телефони имаат дополнителна крипто заштита на комуникациите, но криминалните групи ги ресетираат и хакираат и наместо оперативен систем Андроид ставаат други оперативни системи најчесто GrapheneOS. Потоа се вадат ГПС локатор, микрофони и камери. На тој начин, уредите стануваат погодни за тајна комуникација на затворени групи на контакти. И никој нема пристап до нивните комуникации. Секој учесник во комуникацијата добива прекар шифрирано име. Преку такви телефони се добиваат задачи, се споделуваат локации на мети или места за испорака на дрога и пари. Заклучени се и не може никој да пристапи до тие информации. Покрај гугл пиксл, се користат и уреди и апликации на  Sessions, Symphony, Threema.  Сите овие алатки се поефикасни и позаштитени од пробивање отколку апликацијата скај чија содржина на комуникации беше запленета од француската и белгиската полиција и наголемо се користи во истраги и судски процеси низ Европа но и низ целиот Балкан.

Случај Танасковски

Во август лани, покрај базенот на хотелот Маестрал во Будва е извршен обид за убиство на Марко Љубиша Кан, за кого црногорските меидуми објавуваа информации дека е високо позициониран припадник на Шкаљарскиот клан. Младо момче му пришло и кон него пукало со пиштол. Во последен момент се лизнало со папучите и промашило. По пукањето бега, со превоз кој го чека пред хотелот, а жртвата преживува.

Многу бргу, црногорската полиција открива дека станува збор за 18-годишен акедонски државјанин, Андреј Танасковски. Се објавува и потерница.

За случајот информации, по скопските улици прибираат и македонските безбедносни служби. Утврдуваат дека Танасковски заминал за Србија, а во Македонија имал повеќе сомнителни активности пред се поврзани со дрога и насилство, но нема правосилна пресуда. Танасковски е од населба во општина Ѓорче Петров, а во Белград заминале со уште едно момче од Аеродром. Првично кога стигнуваат во Белград, регрутираните млади македонци добиваат уред со свое шифрирано име, сместување во стан, лажни документи, но и многу пари за лагоден живот. Дневно им се даваат по неколку стотици евра, велат изворите на КОД и тие ги трошат. Така било и со двајцата млади македонци. Но, после неколку недели следувала и прва задача за двајцата, Тансковски прифатил да учествува во акт на насилство додека вториот се предомислил по што следувала брутална одмазда од белградскиот нарко клан. Момчето од Аеродром било претепано и заклучено, но успеало да скокне од прозорец од прв кат кога немало стражари и пријавил во полициска станица дека бил жртва на разбојништво. Потоа преку амкедонската амбасада му бил издаден патен лист и успеал да се врати во Македонија. Вообичаено, по пристигнување во Србија на младите македонци им се одземаат македонските пасоши и лични карти и им се даваат лажни поради што остануваат во цврста зависност од нарко клановите.

Аеродромецот се вратил дома, но тинејџерот Танасковски останал во Белград. На крај дури бил ангажиран за ликвидација во Црна Гора по што речиси цела година е во бегство. Преку примерот со обидот за убиство во Будва се открива уште еден начин на функционирање на младите платени убијци кои се на некој начин заробени во канџите на организираните криминални групи.

При планирање на ликвидација, клановите ги разделуваат улогите. Па така една група или поединци се задолжени за следење на таргетот, постојано гледаат каде се движи и известуваат како е облечен и на која локација се наоѓа. Вообичаено и метите се криминалци и се движат на сигурни локации на јавни места пред се ресторани и кафулиња.

Шема за убиство

Избраниот атентатор, егзекутор нема никаков допир со извидувачите кои ја следат жртвата. Не ни знае кој всушност е извидувачот, а многу често ниту тои кои ја следат жртвата знаат што прават односно дека подготвуваат и прибираат информации за извршување на убиство. Едноставно им е кажано дека треба да следат некој и да известуваат каде е или да седат во определен ресторан и да чекаат некој да се појави и да известат. Врската меѓу извидувачот и егзекуторот е организаторот кој ги пренесува информациите.

Во трета линија, има луѓе кои изнајмуваат станови во кои престојува платениот убиец пред да ја изврши задачата. Егзекуторите остануваат по неколку дена во стан или куќа изнајмена од припадници на кланот со кои немаат никаква врска. Додека чекаат наредба за напад се кријат по станови во кои има храна. Прво се сместени во стан кој е далеку од редовното место каде се појавува жртвата на убиството. По неколку дена само се приближува до локацијата на атентатот. Секој нареден стан или престојувалиште на егзекуторот е се поблиску до локацијата каде е планирано убиството. Во последниот стан има и оружје и се чека сигнал за напад. Откако ќе го напушти и изврши нападот, четврта екипа на кланот го зема со возило за бегство и го носи да го засолни. Поради тоа, за извршување на едно убиство се потребни многу луѓе поради што српско црногорските кланови ја преминуваат границата и регрутираат и низ Македонија. А младите атентатори ги користат и при најмал проблем ги отфрлаат, дури доколку бидат уапсени тие не може многу да кажат за организаторите бидејќи го знаат само по кодирано име од смартфонот. Многу често не ја знаат ниту личноста која треба да ја застрелаат бидејќи добиваат само опис на лицето и место. Во најмалку еден случај, атенатарот погрешил и наместо својот таргет ликвидирал лице кое седело со него и кое немало никаква врска со криминални активности на клановите во Белград.

Тансковски иако на потерница речиси цела година се криеше од потерата поради обидот за убиство во Црна Гора. Македонските безбедносни служби имале информации дека често ја менува локацијата, се крие и во Црна Гора, но и во Србија, а барал и финансиска помош од блиски луѓе од Македонија бидејќи во некои моменти останувал беа за пари кои не му биле дадени од кланот кој го ангажирал.

На крај во јули оваа година било регистрирано негово движење во населбата Видрован на периферија на градот Никшиќ, а имало сомнежи дека повторно е ангажиран за обид за ликвидација. Беше уапсен во куќа која претходно била изнајмена. Заедно со него е уапсено уште едно лице, најдена е и марихуана, а црногорското обвинителство прикажа и видео од неговото приведување. Оттогаш е во притвор во Црна Гора, а надлежното Вишо обвинителство во Подгорица не соопшти повеќе детали на прашањата на КОД.

ОДГОВОР НА ВИШО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО-ПОДГОРИЦА: Во врска со Вашето барање за информации поврзани со кривичната постапка против македонскиот државјанин А.Т., поради сомнеж дека извршил „убиство во обид“, Ве известуваме дека наведениот предмет уште е во фаза на истрага. Согласно законските одредби за заштита на интересот на постапката која е во тек, во оваа фаза не сме во можност да соопштиме детали за преземени доказни активности, за соработка со надлежни органи на други држави, ниту за други активности наведени во Вашите прашања.

Веста за апсењето се прошири во Македонија, но од МВР не дадоа многу детали за притворениот во Црна Гора, ниту на прашањата дали има истраги за него во Македонија.

ОДГОВОР НА МВР  За лицето А.Т. (19) има распишана потрага. Во однос на информациите за евентуални кривични пријави, постапки и барања од странски истражни институции, истите не можат да Ви бидат доставени, имајќи во предвид дека се однесуваат на лични податоци и информации поврзани со конкретни физички лица, согласно Законот за заштита на личните податоци. Ве информираме дека Министерството за внатрешни работи распишува потерници по барање на надлежен орган. Оттука, за информациите за причините, периодот и постапката по која е распишана потерницата, како и евентуалните барања од странски надлежни органи, Ве упатуваме да се обратите до органот кој ја побарал потерницата.

Во врска со случајот со Танасковски, но и за други теми поврзани со младите платени убијци и клановите, КОД направи интервју со новинарот Марко Вешовиќ од РТВ на Црна Гора.

-Против него се води истражна постапка поради сомнежи дека учествувал односно е директен извршител на обид за убиство на Марко Љубиша од Будва, кој според она што го има во медиумите е доведуван во врска со една криминална група во Црна Гора. Според она што полицијата го соопшти официјално, тој државјанин на Северна Македонија е уапсен во Никшиќ каде се криел и навистина е интересно и впечатливо е дека успевал да бега на црногорските органи за гонење, доста време, мислам дека поминаа речиси една година од тој напад врз Љубиша во Будва. Тој (Танасковски) сега е во рацете на црногорските органи за спроведување на законите и очекувам многу скоро против него да биде поднесено обвинение за обид за убиство. Сфатив дека црногорските органи имаат цврсти докази во овој предмет, изјави за КОД Марко Вешовиќ, уредник на веб порталот на РТ на Црна Гора.

-Јас навистина не знам што всушност се случило и како државјанин на Македонија стигнал до Будва, знам и тоа што сум го слушнал неформално е дека тој тука престојувал некое време и веројатно имал логистика за бегство после нападот што укажува на определен степен на организираност во сето тоа и ми дава за право дополнително да верувам дека ова е последица на судирот меѓу овие две групи во Црна Гора. Но, кажувам дека младите луѓе се лесна мета за криминалните групи бидејќи за вакви работи се нудат големи пари и тоа за нив е многу привлечно, објаснува Вешовиќ.

-Не знам кога точно влегол во Црна Гора, но знам дека тој бил гледан во Будва и дека бил гост на хотелот во кој е извршен нападот, но тоа е засега неофицијална информација и не може да бидам целосно сигурен дека е точно,но мислам дека (Танасковски) бил пријавен како гост под лажно име. И така престојувал во хотелот и вршел некаква подготовка, набљудување кога е најдобро да тргне во напад и тоа се случило. А како заврши, сите видовме. Велам дека се тоа неофицијални информации, немам повеќе од тоа и мислам дека е најдобро да се почека обвинението и од него ќе биде појасно  за што го гонат, изјави во интервјуто за КОД, Марко Вешовиќ, новинар од Црна Гора.

Пасошка врска 

Вешовиќ го прашавме и за тоа дали има некаква врска меѓу Македонија и двата кланови кои потекнуваат од Црна Гора и во чија војна загинаа повеќе десетици луѓе. Не потсети на еден стар македонски скандалозен случај.

-Знам дека своевремено, лидерот на шкаљарски клан Јован Вукотиќ, тој е ликвидиран во Истанбул, ми се чини во 2022-ра, имаше лажен пасош на Северна Македонија и тој пасош му бил даден во време кога во Македонија имаше сериозна афера со давање на лажни пасоши на балкански криминалци. Беа неколку големи мафијаши од Црна Гора, Албанија и мислам од Турција кои тогаш добиле лажни македонски пасоши и за тоа има многу информации на интернет. А Вукотиќ беше еден од тие кои имаа лажен македонски пасош, ни одговори црногорскиот новинар Вешовиќ.

-Дали и водачот на кавачки клан, ривалскиот клан, Радоје Звицер којшто е во бегство и за него не знаеме ништо со години, дали и тој има лажен македонски пасош, јас сега не може со сигурност да тврдам. Знам дека се спомнуваше како има десетина различни идентитети и постои голема веројатност дека може да има и лажен пасош на Македонија. Очигледно е дека постоела некаква спрега во безбедносниот апарат во Скопје со криминалните кланови, но каква е вистинската природа на таа врска сега може само да претпоставуваме бидејќи единствен за мене познат случај беше со давањето лажен пасош на Вукотиќ, потенцираше уредникот на веб порталот на РТЦГ Марко Вешовиќ, во интервју за КОД.

За случајот кој го спомнува Вешовиќ, „Двојник“ кога над 200 лажни пасоши на Македонија добија криминалци од Балканот, но и од Ирска, Бразил, Италија, Катар беше во 2021-ва. Луѓето од управните служби на МВР или признаа вина или беа осудени, но се уште нема јавно објавени информации за предистрагата за вмешаност на повисоките ешалони на МВР во издавањето на овие пасоши со укарден идентитет од македонски граѓани.

Случај Сипковски 

Дали имал пасош и легално поминал граница нема податоци за младиот Мартин Сипковски од Аеродром- но тој е првата, ОД Македонија, човечка жртва на регрутацијата на клановите. Загинал од експлозија на бомба, а српските медиуми тврдат експлозивот пентрит бил наменет за убиство на српски криминалец кој два месеци подоцна е убиен во друг атентат. Сипковски, поранешен ракометар и манекен, од Аеродром, загина на почетокот на октомври лани. Имаше 21 година. Неколку месеци претходно заминува од Македонија после судење за обид за убиство во Аеродром. Македонските надлежни институциии, судот, МВР и обвинителството не одговорија каква е судбината на тој случај во кој Сипковски бил обвинет.

А неговиот татко преку ФБ статус негираше дека Мартин загинал при поставување на експлозив и тврдеше дека за македонскиот случај бил наместен, а цела година бил во куќен притвор.

ФБ статус на Дејан Сипковски, татко на загинатиот Мартин (09.10.2025.): Мартин беше цела една година во домашен притвор во Македонија, во нашиот дом, во рамки на истрага која од самиот почеток беше сомнителна, бидејќи сите докази укажуваат дека тој воопшто не бил присутен на местото на настанот. Особено е важно да се нагласи дека Мартин не беше првообвинет во случајот. Под сомнителни околности, подоцна беше вклучен во процесот, иако првообвинетиот одамна е избеган во Белград и не живее во Македонија. Според достапни информации, првообвинетиот има сериозно криминално досие.

Во обраќање, родителот на загинатото момче објаснува дека заминувањето на Мартин било со цел да се извлече од состојбата во која бил ставен со судскиот процес за обид за убиство.

ФБ статус на Дејан Сипковски, татко на загинатиот Мартин (09.10.2025.): Семејството очекуваше дека со жалбата што ја поднесовме, Мартин ќе биде ослободен, бидејќи немаше конкретни докази против него. Но, пред тоа да се случи, тој замина во Белград — исплашен, збунет и, како што веруваме, измамен и злоупотребен од луѓе кои ја искористиле неговата доверба и страв. Постојат основани сомнежи дека Мартин бил наведен и наместен, изложен на притисок да побегне во Србија, со лажни ветувања дека подоцна ќе може да замине во трета држава. Затоа бараме целосна, темелна и објективна истрага, не само од надлежните органи во Србија, туку и од институциите во Македонија. Вистината мора да се открие до крај.

Со овој опис веќе се наѕираат контури на моделот на регрутација како што веќе ја опишавме. Македонските безбедносни служби го регистрирале случајот во рамки на своите активности за следење на појавата на врбување на млади Македонци за криминални активности на српските кланови. Но, официјална посебна истрага како што бараа родителите нема. Има сознанија за регрутерот кој според сознанијата на КОД е малку помлад од загинатиот Мартин. Но, случајот не е расветлен до крај.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е дел од емисијата КОД, прикажана на 27.09.2026. на ТВ Телма.

Jumbo 2