Со 26 затворени училишта и 300 паралелки помалку од кои 200 во основно и 100 во средно образование ќе започне новата учебната година. Поради малиот број ученици, дел од училиштата, особено во руралните средини, се затвораат, па учениците од овие училишта ќе продолжат да учат во други.
Министерката за образование Весна Јаневска вели дека ова нема да биде на штета ниту на учениците, ниту на наставниците, туку напротив децата ќе имаат можност да учат со свои врсници. Оние родителите кои не се согласуваат со оваа одлука, ќе бидат повикани на средба во министерството.
„Тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците и подобар квалитет на образование, а не нивно изолирање во рурална средина каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен заради малиот број ученици, а особено во оние комбинирани паралелки каде што има ученици од три различни одделенија“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
За една недела започнува учебната година, а учебниците веќе се доставени во сите училишта низ државата, тврди министерката Јаневска. Таа не ја исклучува можноста родителите да реагираат доколку добијат оштетени учебници, но смета дека одговорноста во таков случај е кај наставниците кои навреме не побарале нови.
Во училишните клупи годинава за првпат ќе седнат околу 14.500 првачиња, што е за речиси 3.000 помалку од претходната генерација, кога биле запишани околу 17.000.
Тамара Марковска













