Со наглиот пораст на температурите од година во година се повеќе ни се закануваат климатските промени. Надлежните сметаат дека за справување со овој предизвик потребни се повеќе човечки капацитети и соработка меѓу секторите. Министерката за животна средина Шукова истакна дека државата веќе работи на зелена транзиција.
„Стратегијата на државата оди во таа насока – фотоволтаци, ветерни паркови, полека ќе ги исфрламе нееколошките горива и одиме кон обновливи извори на енергија“, изјави Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.
Како резултат на климатски промени минатата година до крајот на пролетта имаше доста поплави кои нанесоа штета на земјоделските посеви и на населението, а до крајот на октомври имаше и огромен број на шумски пожари. Исто сценарио предвидуваат и за оваа година од Центарот за управување со кризи.
„За жал и оваа пролет повторно очекуваме да има поплави, а и ова лето кое најверојатно повторно ќе биде многу жешко и суво, повторно очекуваме и голем број на пожари поради што ги димензионираме нашите активности, односно ги подготвуваме сите ресурси што се неопходни за справување со големите шумски пожари“, изјави Стојанче Ангелов, Директор на Центар за управување со кризи.
Изминатата година за првпат по 2009 година беа ангажирани сите три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, но предизвик за нив останува недостигот на пилоти.
„Пилоти нема. Многу млади кадри ни избегаа надвор. Треба да работиме на тоа да ги нормализираме и платите заедно со другите институции, но и други бенефиции со коишто ќе ги привлекуваме истите да станат дел од авио-одделението на Дирекцијата за заштита и спасување“, изјави Беким Максути, директор на Дирекција за заштита и спасување.
Во декември во Дубаи се оддржа 28-та Конференција на Обединетите нации за климатските промени, која заврши со усвојување на документ кој повикува на глобално напуштање на фосилните горива и исто така поставува нето нулта емисии до 2050 година.
Тамара Марковска













