Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Избрав помало зло и признав вина – осудениот адвокат Фахми Стафа денеска кажа дека парите не биле за апелацискиот судија Ѓоко Ристов

/

Македонија

Сподели преку :

Адвокатот  Фехми Стафа, кој денеска беше сослушан како сведок на одбраната во судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, рече дека парите кој тој ги зел како поткуп не биле наменети за апелцискиот судија.

Станува збор за 20.000 евра – пари кои сестрата на неговиот клиент Љупчо Пецов – Ѓаволот му ги дала на Стафа за тој да влијае врз апелациски судија. Стафа кој беше спроведен со затворска полиција отслужува затворска казна за ова дело односно за примање награда за противзаконито влијание. Тој денеска сведочеше дека никогаш не дал поткуп на судијата Ристов, а  за признанието на вина кажа дека го дал поради притисоци и „избирајќи го помалото зло“ односно да добие пблага казна.

Обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека станува збор за сведок кој е правосилно осуден во постапка директно поврзана со предметот, чии наводи дополнително ќе бидат анализирани во завршниот збор, додека бранителот на Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, рече дека сведочењето отвора сериозни прашања за постапувањето на истражните и обвинителските органи.

– Денеска сведочеше сведок чиј кредибилитет секако ќе биде предмет на анализа и коментар од страна на Обвинителството во завршниот збор. Тоа е местото и времето кога се прави таква анализа. Во секој случај, ова е сведок кој, во суштина, е обвинет и веќе правосилно осуден во постапка што е директно поврзана токму со овој предмет и со судењето против овде обвинетиот – изјави Хаџи Василева.

Таа нагласи дека Обвинителството не ги темели своите постапки само на сведочења, туку и на други видови докази.

– Љупчо Пецов Ѓаволот, во оваа ситуација и во овој предмет, беше соработник и сведок кој пријавил криминал, се одважил да го пријави. Во таа смисла, и тогаш и сега, сакам повторно да упатам порака дека пријавувањето кривични дела, особено корупција, е нешто што силно го охрабрувам. Треба да се пријавува што е можно повеќе, бидејќи тоа е единствениот начин да се бориме против овој тип криминал – рече таа.

Од друга страна, адвокатот Давидовиќ оцени дека исказот на Стафа отвора дилеми околу доказите во предметот.

– Тие материјални докази никаде не се прикажани. Мораме да ѝ веруваме на збор на обвинителката, како што ѝ веруваме и во овој предмет дека постојат коруптивни дејствија, но во ниту еден предмет не е прикажано каде е примен поткупот за судијата Ѓоко Ристов. Ќе мораме да ѝ веруваме на збор, бидејќи ниту во тој предмет тие докази не беа изведени – изјави Давидовиќ.

 

 

Jumbo 2