Ива Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство и против која се води судски процес во Кочани, ја напуштила нашата земја и со својот адвокат ја преминала границата и влегла во Бугарија.
Во изјава за бугарските медиуми, Михаилова кажа дека се одлучила за ваквиот чекор заради влошување на здравствената состојба.
Михаилова е обвинета дека на 7-ми октомври минатата година, управувала со возилото со брзина поголема од максимално дозволената и навлегла во спротивната сообраќајна лента, предизвикувајќи директен судир во кој загинало едно лице, а повеќе други, меѓу кои и таа биле повредени. Нејзината одбрана ги оспорува овие тврдења со вештачења.
Михаилова тврди дека во Македонија била репресирана заради своето бугарско потекло и самосвест и не и било дозволувано да се лечи во Бугарија.
Следното рочиште за предметот во Основниот суд во Кочани е закажано за 9 ноември.
Адвокатот Николај Димитров, кој ја придружувал Михаилова до Бугарија, изјави дека нивните постапки биле однапред осмислени.
Според него, ограничувањата што ѝ биле изречени на младата жена ѝ ја отежнувале дури и можноста да оди на рехабилитација во Штип.
„Оваа состојба е неподнослива и ја зедовме судбината во свои раце“, изјави Димитров.
Тој тврди дека властите на границата знаеле за преминувањето на Михаилова и дека не ги попречиле.
Адвокатот одби да открие преку кој граничен премин поминале, објаснувајќи дека не сака да им создава проблеми на луѓето за кои тврди дека им помогнале.
Димитров призна дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на изречените ограничувања, но нагласи дека, според него, правото на лекување било пресудно при донесувањето на одлуката.













