Иселувањето ги празни училиштата. Пред шест години се родиле за околу 2000 деца повеќе од што се запишале минатата година во прво одделение. Во најголема мера тоа значи дека од кога се родиле додека стигнало време за училиште, нивните родители ја напуштиле Македонија и ги запишале на школо во странство.
Бројот на родени деца се намалува од година во година, но бројот на ученици се намалува со уште побрзо темпо.
Наталитетот не е клучната причина за намалување на бројот на ученици. Македонски деца се раѓаат, ама не во Македонија, вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика Дончо Герасимовски.
Поголемо влијание и силно влијание на сето ова има иселувањето од земјата. Надвор од земјава веќе се раѓаат, години наназад се зголемува бројот на живородени деца. Бројката негде во последниве години изнесува околу 7000 живородени деца коишто се надвор од нашата земја, а се државјани на нашата земја. Тие ако живеат во земјава, нивната бројка би била 24-25 илјади годишно, вели Герасимовски.
Во Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека демографијата е еден од стратешките приоритети на Владата. Прават Стратегија за демографска отпорност и Акциски план за нејзино спроведување.
Целта е преку системски и одржливи политики постепено да се создадат услови за подобрување на демографската отпорност и ублажување на негативните трендови на среден и долг рок, велат во Министерството.
Статистиката покажува дека во 2012 година, во земјава имало 23 568 живородени деца. Кога дошло време за запишување на школо, во учебната 2018/2019 година, во прво одделение се запишале 22 130 деца, односно над 1400 деца помалку. Таа разлика со текот на годините се продлабочува, па во 2019 биле родени 19 845 деца, а во септември 2025 се запишале за 1924 првачиња помалку.
Дури и во текот на една учебна година, се иселуваат по стотина деца од генерација. На пример, во 2022 година се запишале 20 932 првачиња, а наредната година во второ одделение продолжиле 241 дете помалку. Во 2023 бројот се намалил за 62 деца, а во 2024 имало 19 452 првачиња, а наредната година на 1 септември тргнеле 19 152 второодделенци, односно за 300 деца помалку, само во тек на една школска година.
Министерката за образование Весна Јаневска неодамна изјави дека од септември ќе има за околу 3000 првачиња помалку од претходната година, односно околу 15 илјади. Со оглед на тоа што пред шест години биле родени над 19 илјади деца, тоа значи дека 4 илјади се иселиле со семејствата додека да тргнат на школо.

Поради намалувањето на бројот на деца, секоја година се затвораат по десетина подрачни училишта по селата. Годинава се затвораат уште 16. Според податоците на Министерството за образование, на 1 септември нема да заѕвони за првиот час во подрачните училишта во село Селце во општина Боговиње, во струшките села Џепин, Нерези, Богојци и Поум, во паланечките Узем, Добровница и Дурачка Река, во неготинско Курија, во Породин, Дихово и Канино во Битола, и во делчевските села Ѕвегор, Габрово, Вирче и Стамер.
Срѓан Стојанчов













