По скоро една година откако беше оштетена спомен – куќата на Владо Малески во Струга, при градежни зафати за изградба на објект на парцела на куќа која била лепенка со спомен- куќата на Малески, ОЈО-Струга поднесе обвинение против 6 лица, за кривично дело -оштетување или уништување на добра под привремена заштита, по членот 264 од Кривичниот законик. Првообвинет е управителот на градежна фирма од Велешта, кој е инвеститор и изведувач на работите за уривање на објект. Тој бил задолжен со решение од Управата за заштита на културното наследство да изготви идеен проект со строго утврден начин за уривање, со оглед на тоа што наведениот објект бил во непосредна близина и делел преграден ѕид и кровна конструкција со заштитената стара струшка куќа на Владо Малески, се вели во соопштението од струшкото обвинителство.
„Иако бил задолжен, тој изготвил само основен проект без утврден начин за уривање на стариот објект, а по уривањето на истата парцела започнал изведба на нов објект со подрум, приземје и кат. Копајќи за подрумски простории на новиот објект, обвинетиот извршил широк ископ со багер, со што го поткопал заедничкиот преграден ѕид меѓу двата објекти, што довело до дестабилизација и уривање и на куќата под заштита како културно наследство“, соопштија од ОЈО Струга.
Обвинети се и градежен инжинер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга. Тие го изготвиле и одобриле одобрението за градење, без да биде приложен и идеен проект за уривање на претходниот објект на парцелата, со што му помогнале на првообвинетиот да го изврши кривичното дело, велат од ОЈО-Струга. Со обвинението е опфатен и поранешниот градоначалник на Струга- Рамиз Мерко, кој го донел одобрението со кое, наспроти решението на УЗКН му дозволил на првообвинетиот, покрај приземје и спрат, да изгради и подрум на објектот.
Обвинета за помагање на првообвинетиот е и архитектката – конзерватор во Заводот и музеј – Охрид. Таа изготвила мислење без забелешки во однос на усогласеноста на проектот со насоките од Управата за заштита и ја заверила техничката документација во која, спротивно на решението од Управата, се предвидувала изградба и на подрумски простории.
Со дејствијата на обвинетите, на 15.10.2025 година, на улицата “Браќа Миладиновци” била оштетена стара струшка куќа прогласена за значајно културно наследство.
Во неа живеало семејството на Владо Малески како потстанари. Малески беше истакнат антифашист и автор на текстот за македонската химна и на сценариото за првиот македонски игран филм „ Фросина“.
Сотир Трајков













