Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Интерпелации за Гаши и Стоиљковиќ, министерот не одговара на фантазмагории

/

Македонија

Сподели преку :

Интерпелации за претседателот на Собранието, Африм Гаши и за министерот за локална самоуправа, Иван Стоиљковиќ, најави претседателот на СДСМ веднаш по враќање од одмор на пратениците. Работењето на Гаши, како што рече Филипче, ќе се преиспитува поради кршење на Деловникот во неколку наврати. Ќе го поддржат и барањето на ДУИ да се формира анкетна комисија за инцидентот со министерот Стоилковиќ по седницата за реконструкција на Влада.

„Собранието е претворено во гласачка машинерија, воопшто не се почитува како институција. Деловникот често се прекршува, се носат закони по скратена постапка, преку разни процедурални игри нашите предлози не се ставаат на дневен ред. Ние ќе продолжиме да се бориме со сите демократски и парламентарни механизми и ќе бараме одговорност од носителите на јавни функции. Недозволиво е и однесувањето на Стоилковиќ, во демократски институции нема место за насилство и закани“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Според опозицијата, Стоиљковиќ навредувал и пцуел опозициски пратеници, а за влакно била избегната и тепачка со пратеникот Митко Трајчулевски. ДУИ, пак, побараа и снимки, затоа што тврдат дека за време на паузата, ја нападнал и нивната пратеничка Арбана Пашоли во клубот на пратеници во Собранието. Министерот негира, велејќи дека сето тоа се измислици.

„На фантазмагории нема што да одговорите. На измислени работи како може да дадете одговор? – Некој може да измисли дека не знам што сум направил. Како јас што можам да кажам дека таа мене ме навредила, што воопшто не е точно. Јас ниту сум разговарал со неа, ниту сум имал физички контакт, како можам да демантирам нешто што не се случило? – Им го оставам тоа на нив“, изјави Иван Стоиљковиќ, министер за локална самоуправа.

Опозицијата најави и дека со сите демократски механизми ќе го блокира законот за Скопје – европска престолнина на културата. На денешната средба со новинарите, Филипче рече дека очекува голема економска криза есенва. Нискиот водостој на Дунав, според него, ќе влијае на цената на струјата, а поради војната во Иран ќе расте и цената на горивата.

Го нарече „чиста импровизација и задоцнета реакција“ и начинот на кој владата се справува со загадувањето на водата во Гостивар, а отвори и дополнително прашање: Дали некој ги проверува бунарите кај Вардар и Лепенец, чија вода се влева во Рашче?

На вчерашното обвинување од премиерот дека, додека тој беше министер за здравство, имало извештаи од Институтот за јавно здравје дека водата во повеќе места е загадена, но не се преземало ништо, ги повика институциите да истражат, но рече дека е факт оти тогаш немало епидемија и загадување како сега.

Филипче ја нарече голем скандал и истрагата во Унгарија за унгарскиот кредит и побара да се истражи врз која основа се барале и трошеле сумите.

Тврди дека не знае за никакви разговори „под радарот“ за ЕУ, иако евроамбасадорот Михалис Рокас изјави дека се бара решение за деблокада на патот на Македонија.

За него, тапкањето во место може да значи и затворање на вратата за Европа, ако земјава не е предвидена во следниот седумгодишен буџет на унијата.

Далиборка Демјанска Цветановска

 

Jumbo 2