Македонски национален совет во Србија објави дека иницијативата за поставување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, Србија нема никаква политичка, територијална или меѓународна конотација.
Според советот иницијативата е израз на желбата да се одбележат осум децении од организираното населување на Македонците во Војводина и нивниот придонес во развојот на Нови Сад, Војводина и Србија.
Реакцијата следи по изјавата на Граѓанската партија на Грците во Србија од каде ја повикаа локалната власт во Нови Сад да ја отфрли иницијативата на Националниот совет на Македонското национално малцинство за поставување споменикот.
Оваа малцинска партија смета дека иницијативата за поставување споменик со името „Мајка Македонија“ во градот што го носи епитетот „српска Атина“ е „директна провокација против Грција и грчкиот народ“, објавуваат српските медиуми.
Грчката партија во Србија истакна дека „статусот на Македонија во Грција е правно и историски идентичен со статусот на Автономната покраина Косово и Метохија во Србија“.
Во соопштението, пак, на Македонски национален совет во Србија се вели дека „за Македонците од целиот свет, без оглед во која земја живеат денес, овој симбол претставува сеќавање на нивните корени, традиција и културно наследство“.
Потенцираат дека тоа не значи негирање на правата на другите народи да се идентификуваат со своето историско и културно наследство.
Македонскиот национален совет вели дека споменикот првично бил замислен како инклузивен, а не ексклузивен симбол и дека културните симболи треба да бидат „мостови на меѓусебно почитување, разбирање и дијалог“.
„Мајка Македонија“, како што наведуваат, треба да биде траен симбол на почит кон предците, зачувување на културниот идентитет и значаен јубилеј на Македонската заедница во Република Србија.













