Истрагата за марихуаната и шверцот од Македонија во Србија продолжува, потврди на денешниот брифинг надлежната обвинителка Верица Бержецка Крстева.
Таа наведе дека со истрагата и исказите на обвинетите со кои е направена спогодба за признание на вина е потврдено дека имало најмалку 5 транспорти на марихуана кон Македонија, но не може прецизно да се утврди колку вкупно е пренесена во Србија. Засега меѓу 4-цата осомничени двајца осудени не е утврдена врска со припадници на полицијата и царината во Македонија.
Истрагата сега ќе врши дополнителни анализи на листинзите на телефонските апарати на 7-те новоосомничени во истрагата за да се утврди дали имале врска со припадници на македонските гранични служби.
Досега не е утврдена поврзаност на цариници и гранични полицајци бидејќи при 5-те транспорти кон Србија немало утврдено повторување на смени на исти службеници на преминот Табановце.
Обвинителката Бержецка Крстева посочи дека нема конфискација на имот на двајцата кои признале вина затоа што парите кои ги земале, пластични кеси со по 10 илјади евра, ги носеле и предавале во Македонија и не можело да се утврди директно колку двајцата заработиле со шверцот на марихуана.
Случајот е отворен во јануари кога во Србија, во местото Коњух беа откриени 5 тона марихуана, а дополнително во судските спогодби склучени на 10-ти август, обвинителството навело количина од околу 8 тони, но без конкретно да се прецизира дали целата количина е канабис.
Досега во Македонија се осомничени 13 лица, а двајца се во странство.
М.С.













