Државата се брани со мудра надворешна политика и нашиот пат е проевропски ориентиран, се дел од пораките кои претседателката, Гордана Силјановска Давкова, ги испрати од пред споменикиот на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Пресидиумот на АСНОМ, на одбележувањето на 2 Август во Скопје. А токму идеалите на Ченто за македонската држава, претседателката ги искористи да повлече паралела со европскиот пат на земјава.
-Нашиот пат е проевропски ориентиран, како и Чентовиот. Знаеме дека секоја земја кандидат прави компромиси врзани за адаптирање на односите и процесите на акито или решавање на различни спорови. Но нашето искуство има уникатен предзнак, како постојана и незавршена низа од барања со коишто се оспорува и се нарушува нашето суверено право на самоопределување, порача Силјановслка Давкова.
Според неа со блокадата на македонските евроинтеграции, не губи само Македонија туку и оние што ја блокираат. За европскиот пат на земјава на 2 Август проговори и премиерот, Христијан Мицкоски, кој во целото свое обраќање евроинтеграцииите ги спомена само еднаш и тоа во контекст на своите политички противници од опозицијата.
–Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот. Јас предавства на штета на државата и народот, како што се правеше во минатото, по ниту една цена нема да направам, изјави Мицкоси.
Силјановска Давкова пак од говорницата за 2 Август испрати повик за национално помирување, надминување на поделбите во државата и говорење во еден глас за прашањата од национален интерес, за што рече дека и е потребно на државата повеќе од кога било, повикувајќи се на идеалите на Ченто, да се помири со своите неистомисленици, под услов да застанат на истата, македонската линија.
Претседателката се осврна и на уставниот патриотизам, кој, како што рече, ја чува државата, повикувајќи се на заложбите на Ченто за правото на самоопределување на македонскиот народ и почитување на највисоките државни акти од секој и секаде, вклучително и Уставот. Притоа таа се надоврза на заштитата на правата на малцинствата, упатувајќи порака и до малцинствата кои не се споменати во Уставот, меѓу кои е и бугарското.
–АСНОМ води сметка за македонската мултиетничка реалност. Неговиот Манифест бил упатен до сите етнички заедници. И денес, се гордееме со високите стандарди на заштита на малцинските права на Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и другите. Споменати или не, во делот којшто му претходи на нормативниот текст, што вообичаено се нарекува преамбула, сите македонски граѓани ги уживаат истите права и ги имаат истите обврски кон државата, утврдени во нормативниот текст, рече Силјановска Давкова.
Таа притоа рече дека во една европска демократија, мирот и соживотот во хетерогено општество се чуваат преку гарантирање и заштита на правата и на заедниците, но не на штета на индивидуалните човекови права.
Тамара Грнчароска













