Со транспаренти „Денес чад, утре болест – стоп за депонијата Краста“, „Вода купуваме, но воздух не можеме“ и „Нашите деца заслужуваат чист воздух“, жителите на неколку кумановски села денеска го блокираа влезот на депонијата во селото Пчиња.
Додека протестираат, густ чад се шири од депонијата, каде со месеци гори отпадот.
Жителите велат дека дополнителен проблем е што и покрај пожарот, во депонијата и натаму се носи нов отпад.
Така, како што велат, се создава нов чад и пожарот постојано се обновува, па никако да се стави крај на проблемот. Тие со блокадата сакаат да спречат влез на нови камиони, но и конечно да добијат реакција од надлежните.
- „Од институциите на општина Куманово нема никаква реакција. Ние како население шест месеци се гушиме во овој чад. Не можеме врата да отвориме ниту да дишеме чист воздух“.
- „Од густиот токсичен чад не можеме да дишеме. Децата ни го дишат овој чад. Револтирани родители денеска не ги ни пуштија децата на училиште. Очекуваме што побрзо да го изгаснат пожарот за конечно да можеме нормално да живееме. Сега не можеме дома да пуштиме клима затоа што не сакаме да внесеме токсичен чад“, рекоа граѓаните пред камерата на Телма.
Жителите бараат помош и од Општина Куманово, бидејќи, како што велат, комуналното претпријатие не е во можност само да го реши проблемот.
Градоначалникот Максим Димитриевски кусо ни одговори дека општината не е надлежна и дека за проблемот треба да се обратиме во комуналното претпријатие. Од директорот на комуналното претпријатие пак не добивме одговор.
Жителите најавија дека блокадите ќе продолжат 24 часа и дека нема да отстапат додека не добијат решение.
Тамара Марковска













