Граѓаните преку својот глас бараат функционална општина која ќе работи за подобро секојдневие. Се надеваат дека ќе го одберат најдобриот кандидат кој ќе ги раководи населени места и општината. Вакви се очекувањата на жителите на 11 населени места во Општина Брвеница кои годинава предвремено бираат нов градоначалник на 24 избирачки места.
„Па што очекуваме, како досега, и од сега натаму да биде очекуваме да биде подобро“, вели граѓанин.
„Изборите да бидат мирни, да бидат како што треба, па се очекува нешто подобро, како и секогаш, се надевам на сè подобро“, порача жител на Општина Брвеница по остварување на граѓанското право.
„На општина му треба чесен и праведен градоначалник, да си ја врши својата работа, праведно како што треба, тоа ќе биде во корист на сите нас“, рече нивни сограѓанин.
Во претпладневниот дел од изборниот процес во избирачките места гласањето се одвиваше без посериозни проблеми.
„Од распишувањето на изборите до денеска целиот изборен процес се почитуваше. Се надеваме дека и денеска до конечните резултати истото ќе биде и на крај“, изјави Недиме Салаи, претседателка на ОИК Брвеница.
Тоа што денеска има гласање само во една општина, беше мотив и можност, петмина членови на Државната изборна комисија (ДИК) заедно со претседателот Бојан Маричиќ да направат обиколка на неколку избирачки места во различни населени места и самите да се уверат како се одвива изборниот процес.
„Се уверивме во редовниот и регуларен тек на гласањето, барем во тие шест избирачки места каде што ние бевме. Такви се извештаите и од сите места. Видовме дека нема поголем застој, дека има интензивни обиди, можеби еднаш-двапати-трипати на лица коишто веднаш не ги чита апаратот, меѓутоа секаде се одвива без проблеми, без поголеми застои. Тоа што ние го видовме е дека се тече во најдобар ред и тоа ни го кажаа и преставниците на избрачките одбори“, рече Бојан Маричиќ, претседател на ДИК.
Во Општина Брвеница се избира нов градоначалник на предвремени локални избори, откако на 23 јуни 2026 на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на општината.
Александар Самарџиев













