Деталите за епидемијата во Гостивар за неколку дена ќе бидат „под лупа“ на јавноста. Министерството за здравство на 20 август ќе го објави епидемиолошкиот извештај и документите, со преглед на постапувањето на надлежните институции и резултатите од контролите на водата. Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека целта е да се постапи целосно транспарентно и да се извлечат лекции.
„Самите резултати од испитувањето на водата се сопственост на ЈКП Гостивар и на градот Гостивар. Тоа што Министерството ќе го објави се резултатите коишто беа релевантни за епидемијата, а тоа е од 1 јануари 2026 година, па сè до врвот на епидемијата. Можам да сугерирам и на комуналното претпријатие и на ЦЈЗ Тетово да ги објават, како што јас ќе ги објавам сите што ги има направено Центарот за јавно здравје. Нема ништо спорно“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Во меѓувреме, критиките од опозицијата продолжуваат и денеска. Социјалдемократскиот сојуз со обвинувања до врвот на власта и прозивки до премиерот, министерот за здравство и министерот за внатрешни работи. Од СДСМ велат „Мицкоски и Клековски на екскурзија го оставија народот без вода за пиење, а Тошковски, пак, без информација за тоа кој е виновен за труењето“.
„Граѓаните не видоа ниту една институција, ниту одговорно лице што стои зад исправноста. Наместо премиерот и министерот за здравство, полицаец држеше здравица и објаснувше колку е „вкусна“ водата во Гостивар. Прво еден „полицаец“ Тошковски ја хиперхлорираше, потоа друг, Ангелов, ја пушти во употреба со здравица. Тотална негрижа, срам, брука и неодговорност“, изјави Маја Борозан од СДСМ.
Од Општина Гостивар сѐ уште нема информации за седница на Советот, на којашто треба да се одлучува дали жителите ќе бидат ослободени од плаќање на сметките за вода или пак ќе се бара друг начин. Сепак, последен збор по ова прашање има управниот одбор на јавното комунално претпријатие.
Водата во Гостивар од петокот е безбедна и за пиење, како што соопшти главниот кризен штаб, еден месец откако пет илјади луѓе пројавија симптоми и проблеми како последица од фекално-контаминираната вода која влегла во водоводниот систем.
Петар Догов













