Додека водата попусто тече, гостиварци чекаат во ред за пакети со шишиња со вода. Се намалуваат повраќањата и дијареата, но се појавуваат инфекции по кожата и други делови од телото поради техничката вода која некои ја користата за бањање.
Стотици литри вода истекоа од оваа чешма во училишен двор, додека десетици гостиварци утринава чекаа да дојде камион за да земат пакет со вода во пластични шишиња. Ова е секојдневието на голем број луѓе, некои се трпеливи, некои немаа време па заминаа. Велат потребите не се задоволуваат само со овие десетина литри кои ќе ги добијат, како донација од државата. При тоа се создаваат и редови, турканици па и кавги.
„ Ни рекоа ќе дојде во 10, еве 10.30 уште не е дојдена. Ќе ти дадат 1 гајба со една гајба што може да напише 1 шише за млеко да го опереш и отиде една гајба вода мислам 1 шишие вода. Тешко, ама. Син ми не ќе беше Галичник од таму донесе 15 литри“, вели една гостиварка.
„Еве чекаме секој ден, исто секој ден, чекаме. Тешко е многу тешко“, изјави друг жител.
„Еве сега чекам на мајка ми да и однесам вода 86 годишна од пумпа пие, дали е исправна или не. Еве вака, нас од Маврово ни носат за пиење“, изјави друга жена.
„Се снаоѓаме вака овде со дел што донираат. Дел од други извори од околинава некаде чешми. Пожаране. Одиме по извори за миење садови. А за пиење овде чекаме“, вели жител на Гостивар.
Оние кои техничката вода ја искористиле за бањање и миење садови, велат се соочуват и со нови здравствени последици. Многумина добиле инфекции и црвенила на кожата и други проблеми.
-„Jас имам проблем со увото, зуење и инфекција добив на увото. Така да и на кожата ми се појавува некои работи, што стравуваме за личната хигиена. Меѓутоа количинска вода не можеме да најдеме за хигиена“, вели една жена.
„Еве и јас се вцрвенив целата. По телото. Ние се бањаме од таа вода, ја немам за пиење уште за бањане, кај ќе најдеме“, изјави гостиварка.
„Не верувам и бактеријава дека ќе може да се исчисти со такви инсталации“, рече жител на Гостивар.
Од друга страна, директорот на гостиварската болница за ТЕЛМА вели дека не бележат зголемен број на кожни инфекции. Деновиве Министерството за здравство постојано тврди се стаблизира епидемиолошката состојба во Гостивар и има намалување на бројот на луѓе со здравствени тегоби во дигестивниот систем.
Проблемите со водата се причина дел од хируршки интервенции и породувања наместо во гостиварската да се прават во тетовската како и други болница низ државата.
Александар Самарџиев













