Од вчерашните попладневни часови, во текот на ноќта, па сè до утринава, во околината на Струмица се чувствува мирис на чад, предизвикан од пожарот на депонијата во селото Еднокуќево, известија струмичките пожарникари.
Екипите на Територијалната противпожарна единица Струмица досега интервенирале двапати. Интервенциите продолжуваат и денеска, кога пожарникарите-спасители уште во раните утрински часови повторно излегле на терен со цел локализирање и целосно гаснење на пожарот.
Според информациите од градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, во текот на денот се очекува да започнат активности за расчистување и потрупување на депонијата со соодветна механизација.













