Зошто беше значајно Апелациониот суд да донесе пресуда за случајот „Талир 2“ пред неговото застарување на крајот на август? Ова прашање се наметна откако второстепениот суд експресно за три недели од приемот на жалбата на обвинителството на 26 месецов ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, а ВМРО-ДПМНЕ го задржува партиското седиште, проценето на 14 милиони евра, како и друг имот вреден околу два милиони евра.
- „Станува збор за невообичаено брзо постапување и од страна на Основниот кривичен суд и во поглед на изготвување и доставување на пресудата за случајот „Талир 2“, к но и од аспект на Апелациониот суд во процесуирањето на жалбите и одлучувањето по предметот и објавувањето на конечната одлука, односно во овој случај правосилната одлука“, вели Аврамовски.
Според Аврамовски, за обвинетите нема голема разлика дали случајот ќе застареше, освен сатисфакцијата дека е потврдена ослободителната пресуда, но одлуката на Апелација е позначајна во однос на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
- „Од аспект на конфискацијата на имот има различни последици, затоа што во случај на застарување на предметот, постои можност да се поведе посебна постапка која што би го таргетирала само незаконски стекнатиот имот со цел истиот да може да се конфискува, но во ситуација кога е донесена ослободителна пресуда, практично е невозможно да продолжите понатаму да го проверувате имотот и да направите конфискација на истиот“, додава Аврамовски.
Првостепената пресуда судијката Даниела Алексовска Стојановска ја објави на 14 јули. Како клучна причина за ослободителната пресуда за Груевски судијката ги наведе измените на Кривичниот законик. На 5 август обвинителството поднесе жалба, а ден подоцна Кривичен го испратил предметот во Апелација, а судија известител беше Лирие Елези Ајрулау.
Поранешната обвинителка Ленче Ристоска која до пред неколку месеци го водеше случајот, но си поднесе оставка поради одземените овластувања, по пресудатa посочи на повеќе дилеми и противречности.
Со пресудата, како што наведе, се потврдува нејзиното уверување дека овој предмет и е одземен за избегнување на конфискацијата на седиштето на ВМРО ДПМНЕ. Кога „Талир 2“ за прв пат се најде пред Апелација беше потребно повеќе од година и половина за да се донесе одлука по предметот да биде вратен на повторно судење.
Марија Митевска
Б.С.













