Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Екологијата и минималецот главни точки на судир во собраниската дебата на денешната седница

/

Македонија

Сподели преку :

Тешка загадувачка индустрија на мала врата или усогласување со правото и стандардите на Европската унија? Измените на Законот за животната средина кои се во процедура, предизвикаа силни реакции кај граѓанските здруженија и иницијативи, а опозицијата се обиде да ги тргне од дневен ред.

Ова се разгледуваше денеска на собраниска седница, откако Владата ги стави во постапка со европско знаменце, а пред пленарката измените поминаа и дел од комисиските филтри.

„Се работи за едни скандалозни измени на Законот за животната средина каде во најзагадената држава во Европа нас од власта нѝ пристигнува одредба со која повторно ќе се овозможи рестартирање на тешка загадувачка индустрија во населените места. Оваа одредба со којашто се забрануваше да се рестартира тешка загадувачка индустрија во радиус од пет километри беше внесена во 2022 година, после една долга борба на еколошките организации“, кажа Јована Мојсоска, пратеничка од Левица. 

Владата измените ги образложува како дел од усогласувањето со европското законодавство, но иницијативата „Зелен хуман град“ предупредува – со законот се предлага бришење на клучни одредби за заштита на природата и олеснување на механизмите за заштита од загадување.

А, на денешната пленарна седница во Собранието, спротивставени ставови на власта и опозицијата и околу други законски решенија кои исто така се најдоа на дневниот ред.

Предлогот на СДСМ за минималец од шестотини евра беше отфрлен иако од партијата аргументираа со факти, а од мнозинството се сложија дека треба да растат платите. За власта, важно е работниците и работодавачите да најдат заеднички јазик, додека социјалдемократите предлагаат јавна расправа за ова прашање.

„Заеднички би било добро оваа тема да ја држиме отворена, да разговараме, да дебатираме, да имаме јавна расправа по однос на ова законско решение. Тоа што еве Владата го пропушта и не сака да седне со работодавачите и работниците – да седнеме ние овде во Собранието“, кажа Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ. 

„Зошто државата вели да се договорат оние коишто треба да ја исплатат и оние коишто треба да ја земат?! Бидејќи минималната плата ние зборуваме во Собрание дека се регулира со закон. Денеска сите можеме да направиме да биде две илјади евра минималната плата. Но, потоа ќе биде оштетен оној којшто е централна гравитациона сила, а тоа е работникот“, рече Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

На денешната седница, Собранието едногласно одлучи и да продолжи процедурата за Законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, со кој се предвидува засилен скрининг особено околу влијанието на националната безбедност.

Петар Догов

Jumbo 2