Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Еден загинат и дваесетина повредени во тешка сообраќајна несреќа во Битола

/

Македонија

Сподели преку :

Едно лице загина, а дваесетина се повредени при судир на автомобил „пежо“ со комбе кое превезуваше  работници. Оваа тешка сообраќајна несреќа се случи попладнево околу 15 часот на излезот од Битола, кон Демир Хисар.

На местото на несреќата животот го загуби совозачот во автомобилот, 42 годишен жител на Битола, а повредени се двајцата возачи на патничкото возило и комбето, како и работниците кои се превезувале со него. Сите се пренесени во битолската Клиничка болница за санирање на повредите.

Од таму велат дека прегледани се 20 лица, од кои 13 на ортопедија и се со полесни повреди. Четворица пациенти се пратени на неврохирургија и тројца на хирургија, но засега ниту еден од нив не е во животна опасност, а дел се веќе на домашно лекување.

Противпожарната единица од Битола учествуваше во извлекување на жртвата и повредените со две екипи.

Увидот за оваа несреќа траеше три часа, патот кај месноста „Трафостаница“ на излезот од Битола беше затворен, а возилата се пренасочуваа преку обиколницата.

Сообраќајот е пуштен за сите возила после 18 часот, откако екипи на „Македонија пат“  ја расчистија сообраќајницата од остатоците од двете возила во оваа тешка сообраќајна несреќа.

Емилија Мисирлиевска

Jumbo 2