Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две вработени во Државна Лотарија за „Проневера во службата“.
Во текот на цела 2024 година, првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија презеле повеќе дејствија со намера да прибават за себе противправна имотна корист.
Тие присвоиле пари доверени во службата во значителен износ од 79.989.444 денари.
Како овластени лица за подигнување на готовински средства наменети за исплата на мали добивки и за уплата на дневниот промет остварен од сопствени продажни места на друштвото, тие целокупниот дневен промет за 2024 година не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе.
Дополнително, од банкарските сметки на АД Државна Лотарија на РСМ подигале парични средства кои исто така ги присвојувале за себе.
По извршените претреси од Финансиската полиција велат дека освен што е одземена документација во оригинал која се однесува на АД Државна лотарија на Македонија, одземени се и мобилни телефони, лаптоп-компјутери, USB-уреди, надворешни хард-дискови и друга електронска опрема, парични средства, злато и златен накит, накит од брендот „Сваровски“, часовници со поголема вредност, како и брендирани чанти од познати светски производители, меѓу кои „Хермес“, „Луј Витон“„ Диор“ и други.
За двете вработени Обвинителството бара притвор.













