По два неуспешни обиди за набавки поврзани со вештачка интелигенција, генералниот секретаријат на владата повторно распиша тендер за набавка вредна над 1,6 милиони евра, преку кој треба да се набави информатичка опрема и софтверски лиценци за поддршка на системи за вештачка интелигенција во владата. Тендерот беше поништен на 9-ти септември бидејќи на прашање од оператор поради технички проблем бил прикачен одговор за сосема друга постапка.
Тендерот повторно е распишан на први октомври. Со опремата треба да се овозможи користење и распоредување на различни AI модели за обработка на документи, пребарување низ институционални извори на информации, подобрена ефикасност на административни процеси.
Во интервју за 360степени минатата недела, министерот за информатичко општество Стефан Андоновски посочи дека за тендерот дознал од прашањата за емисијата. Од владата пак ни одговорија дека набавката е за потребите на системите во генералниот секретаријат.
-Не станува збор за централизирана набавка на AI решение за сите институции. Потребата од локална инфраструктура произлегува и од природата на информациите што се обработуваат во овие системи. Затоа во техничката спецификација е предвидена можност платформата да функционира on-premise, со цел податоците да останат во контролирана средина и да не мора да се изложуваат на јавни или надворешни AI модели, ни одговорија од владата.
Само 20 дена пред поништување на големиот милионски тендер, во август беше поништен и тендерот за набавка на Вештачка интелигенција за Сектор за јавни набавки и Сектор за човечки ресурси, распишан исто од Генралниот секретаријат. Повторно поради грешка во тендерот.
-По јавното отворање на понудите, Комисијата констатираше дека во тендерската документација не бил дефиниран критериумот за избор на најповолна понуда, што претставува важен елемент за правилна евалуација и рангирање на понудите. Поради тоа, беше донесена одлука за поништување на целата постапка, стои во одговорот на владата и на веб сајтот на Бирото за јавни набавки.
Од владата велат дека со овој тендер се набавуваат певеќе работи меѓу кои и визулено препознавање на вработените преку камерите на влада. Тој тендер не е распишан повторно.
Миомир Серафиновиќ













