Општинскиот огранок Бутел на ДУИ остро реагира на последните случувања во ООУ „Петар Здравковски – Пенко“, каде што голем број албански деца се соочуваат со одбивање на запишувањето во прво одделение.
Оваа ситуација не смее да се премолчи. Според објавените податоци, во Општина Бутел има вкупно 5.276 ученици, од кои 2.971 се Албанци, односно 56,31% од вкупниот број ученици. Овие бројки јасно укажуваат на потребата образованието на албански јазик да се поддржува и развива, а не да се ограничува или намалува, соопштуваат од ДУИ.
Велат од една страна, имаме толку голем број албански ученици, а од друга страна се соочуваме со затворање на паралелки на албански наставен јазик.
- Неразбирливо е во училиште како ООУ „Петар Здравковски – Пенко“, каде што бројот на албанските ученици е околу 90 проценти, да се донесе одлука за затворање на една паралелка на албански јазик, додека истовремено постојат паралелки на македонски јазик со многу мал број ученици. Наместо да се затвораат паралелките на албански јазик, институциите треба да создаваат услови албанските деца да се образуваат на својот мајчин јазик и да имаат еднакви можности со сите останати ученици, се вели во партиското соопштение на ДУИ.
Бараат одговорност и целосно институционално објаснување за овие одлуки. Бараме секое одбиено барање да биде повторно разгледано и одлуката за затворање на паралелката на албански јазик да биде преиспитана.













