Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Државата плаќа десетици милиони евра годишно за работни спорови, извршителите тријат раце

/

Македонија

Сподели преку :

Десетици милиони евра трошат државните институции секоја година по основ на судски постапки за работни спорови. Половина од парите одат на извршители, камати и судски трошоци. Институциите не им ги исплаќаат додатоците што им следуваат на вработените, тие тужат, па на крај наплаќаат со камата, а извршителите тријат раце. Државната ревизија препорачува почитување на законите и почесто користење на медијацијата и вонсудско порамнување за споровите да се решат без да се прават дополнителни трошоци.  

Над 64 милиони евра платиле државните институции од 2020 до 2025 година по основ на судски постапки за работни спорови. Половина од парите се исплатени за главниот долг, а другата половина за камати, судски трошоци и извршители, констатира Државниот завод за ревизија.

Институциите не им го исплаќаат на вработените тоа што им следува, вработените тужат, процесот се влече по судовите со години, па на долгот се додаваат и камати и судски трошоци, институциите повторно не плаќаат, па вработените си ги наплаќаат долговите со извршители и на крај државата плаќа двојно. Статистиката покажува дека институциите доброволно исплатиле помалку од 5 отсто од парите, останатите им се наплатени со извршители.

Државната ревизија препорачува алтернативно решавање на споровите, односно медијација или вонсудски и судски порамнувања за проблемите да се решат без да се прават дополнителни трошоци.

Вработените најчесто тужат за неисплатена прекувремена работа, неплаќање за работа ноќе, во недели и на празници, неисплатени надоместоци за храна и превоз, исхрана при ноќна работа, сменски додатоци, минат труд, јубилејни награди, бонус плати, К-15, неисплатени додатоци, па со тоа и помали придонеси, користење слободни денови за претходно одработени часови, парични казни, како и неовластени откази и прераспределувања на друго работно место.

  • „Да се воспостави јасна законска рамка за утврдување на одговорност на носителите на одлуки во случаи на незаконито постапување, со цел намалување на фискалните последици врз институциите и буџетот“, препорачува Државниот завод за ревизија.

Ревизорите констатирале и системски проблеми кога еден закон кажува едно, а друг друго, па различно го толкуваат и применуваат. Некои институции немаат донесено подзаконски акти за начинот на кој треба да им се даде некое право што им следува на работниците според закон или колективен договор, што доведува до тужби.

Во ревизорскиот извештај за ефектите на судските постапки од работен спор врз буџетот на државата се наведува дека државата нема воспоставено ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови, а поради недоволниот капацитет за решавање, бројот на спорови само се купчи од година во година.

Ревизорите побарале податоци од 85 институции, а доставиле 69 институции, од кои 12 немале исплати по основ на работни спорови.

Срѓан Стојанчов

Б.С.

Jumbo 2