На партиите повеќе им се исплати да не го донесат новиот Изборен законик, затоа и немаат материјална мотивација за работа, вели Марко Трошановски од Институт за демократија. Иако е дел од реформската агенда, овој закон е повеќе во доменот на внатрешните прашања, затоа и смета дека поголеми шанси да биде донесен има Кривичниот законик, чиј краен рок е декември, и на кој е и Европската комисија повеќе фокусирана.
-Со неносењето на Изборниот законик ќе изгубиме некои средства од реформската агенда, но парите кои сега ги добиваат партиите од оваа правна рамка се многу поголеми од наградата и затоа немаат материјална мотивација. Но ако преовладее државничката мотивација, до крајот на годината би требало да биде донесен и тој. Што се однесува до Кривничниот законик, тој е особено под лупа, со сите заобиколувања кои се правеа до сега од носителите на јавни функции кои правеа криминал, и неговото носење не би можело долго да се оддолговлекува, изјави Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија.
Трошановски очекува да се реши и прашањето со пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со ОМО „Илинден“ – Пирин, особено по изјавата на бугарската претседателка Илијана Јотова, дека се надева надзорот над извршувањето конечно да биде завршен на следната седница . Вели дека Бугарија е под мониторинг на Советот на Европа и сака да го затвори прашањето со малцинствата бидејќи е голема дамка за земја -членка на ЕУ иако „и тука има бирократски итроштини кои ги наметнуваат судовите во Бугарија„. Но, смета дека, доколку Бугарија сака да биде признаена како земја која ги исполнува стандардите, крајниот исход мора да биде позитивен и здруженијата да бидат регистрирани. Времето, вели, им е сојузник, особено во денешниот контекст кога безбедноста и економијата имаат приоритет, прашањето може и понатаму да се игнорира и одолговлекува, но доколку имаат интенција за подобрување на угледот, проблемот треба да се реши наскоро.
Далиборка Демјанска Цветановска













