Од 13 август до 14 септември 2026 година граѓаните ќе имаат можност да учествуваат во јавната анкета за Нацрт-Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 05 – „Барутана“, со кој се предвидува нова градба на падините на Водно.
ДОМ ги повикува сите граѓани на Центар, но и сите скопјани кои го чувствуваат Водно како заедничко природно богатство на градот, да се вклучат во јавната анкета и да ги достават своите забелешки против урбанизацијата на Водно.
- Според објавените информации, планот предвидува изградба на околу дваесет нови објекти на стрмен предел со значителни површини за градба што подразбира дополнително сечење на шума, пробивање инфраструктура и зголемување на урбаниот притисок врз Водно. Планскиот опфат е со површина од 6,89 хектари, соопштуваат од ДОМ.
Потенцираат дека Водно е јавен простор, природно добро и недозволиво е да се претвора во простор за луксузни хациенди. Шумата, зеленилото, стабилноста на теренот и природната заштита на Скопје се прашања што ги засегаат сите граѓани, а не само сопствениците на парцелите опфатени со планот.
Затоа ги повикуваме граѓаните наместо да негодуваат на социјалните мрежи, да го искористат своето право и официјално да поднесат забелешки во јавната анкета.
Детали за учество во јавната анкета:
- Период на траење: 13 август – 14 септември 2026 година.
- Увид на лице место: Секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот во ООУ „Кочо Рацин“ (ул. „Салвадор Аљенде“ бр. 2), каде што е изложен Нацрт-ДУП-от.
- Електронско поднесување: Преку веб-страницата на Општина Центар и информацискиот систем е-урбанизам.
- Јавна презентација: 3 септември 2026 година во 12:00 часот, во просториите на Општина Центар.
Водно не е парцела за богатење – Водно е заеднички простор на сите граѓани. Затоа неопходна е силна граѓанска реакција за да се спречат понатамошната бетонизација и неконтролираната урбанизација на Водно. Учествувајте во јавната анкета!













