Министерството за здравство (МЗ) издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што се лекувала 19-годишната Станка Михајлова од струмичкото село Баница, која по породување со царски рез во Клиничката болница во Штип остана неподвижна и заврши во инвалидска количка. Нејзиниот свекор деновиве преку видео на социјалните мрежи пред болницата во Струмица и во Штип побара помош од министерот за здравство Сашо Клековски, тврдејќи дека младата жена е препраќана од еден до друг доктор, од една во друга здравствена установа. Сега семјството обвинува за лекарска грешка.
„Ние бараме да ја подигнат на нозе и доколку не се подигне на нозе некој да понесе одговорност. Тоа е лекарска грешка. Ние молчевме 30-40 дена, си велиме „лекар кога го молиш, не го лути“, но почнаа да нè шутираат како пинг-понг, наваму-натаму“, вели Велибор Стојанов, свекор на Станка Михајлова.
Младата Станка се породи на 26 јуни во штипската болница. Според тврдењата на семејството, уште тогаш тешко се движела, а по отпуштањето од болницата свекорот ја однел дома на раце, иако пред да се породи немала никакви проблеми. Нејзината состојба во наредните денови се влошувала, по што на 4 јули била префрлена на лекување на Клиниката за неврологија во Скопје.
Во медицинскиот наод е наведено дека пациентката е примена по породување со спинална анестезија, со слабост на двете нозе и отежнато мокрење. По извршената магнетна резонанца биле утврдени промени од деветтиот до 11-от пршлен.
„Ѝрекоа дека е оштетена на ‘рбетот, дека има проблем со ‘рбeтот. Рекоа дека ќе пробаме со физикална терапија, ако не се направи ништо, ќе мора да оди во Турција или во Германија на операција“, додава Стојанов.
Дали при породувањето и лекувањето потоа имало пропусти, треба да утврдат инспекцискиот надзор што ги најави министерството за здравство.
„Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор. По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи вклучени во случајот“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Деветнаесетгодишната Станка Михајлова е мајка на две малолетни деца. Едното е старо три и пол години и едномесечното бебе, кое се роди на 26 јуни во болницата во Штип. Директорот денеска не беше достапен за коментар.
Емилија Мисирлиевски













