Во “5 до 12” сопственикот на Пулс Дејан Јованов Деко доби нова истрага и нови 30 дена притвор. Утре не излегува на слобода туку се сели од притворското одделение во Куманово во затвор Шутка. Обивнителството го сомничи дека му дал поткуп на службеник во министерството за економија за да му обезбеди лиценца за угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање и иако Пулс не исполнувал законски услови.
Службеникот е Џеваир Камбери кому му се суди во предметот за пожарот во Идризово. Според обвинителството притворот е неопходен, а ризиците за обезбедување на Јованов се големи . Судијата ги прифатил нивните аргументи и го задржа Јованов во притвор.
Притворот е определен поради (постоење на основите во чл 165 став 1 т. 1 и 2 од ЗКП), постоење опасност, осомничениот да се даде во бегство, како и поради основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци, велат од Кривичниот суд.
Адвокатката на Јованов најави жалба. Според Коцевска , иако истражната постпака е отворена на 29 септември, обвинителството ги имало доказите уште пред година и пол кога го обвини Камбери и за примање поткуп, но како што вели ги држеле под маса за да може сега да му се продолжи притворот на нејзиниот клинет .
Пропадна и понудата на Јованов да се брани од слобода со гаранција од околу 200 илјади и да се увери јавноста дека нема да бега.
Претходно обвинителството даде негативно мислење . Дел од понудениот недвижен имот бил предмет на извршување и не може да биде ставен под хипотека, уште помалку да биде впаричен велат од обвинителтвото
Освен тоа, понудените недвижности во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи, плевна, а кои претходно биле бесправни објекти и тој имот, при евентуална потреба, исклучително тешко ќе може да биде впаричен, а секако не во висина на износот на кој е проценет, велат од ОЈО.
Судењето за пожарот во Пулс во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени од вчера почна со доказите на одбраната. Прв од 244 најавени сведоци е градежниот вештак ангажиран од Дејан Јованов.
Елена Муковска













