Пратениците заминуваат на летување со блокирани неколку закони и неодговорени пратенички прашања. Партиите на Албанците во опозиција ја блокираа работата и на денешната, последна седница пред колективниот одмор. Исто како и на последните неколку седници, пратеничката Илире Даути од Албанска лига постојано имаше процедурални забелешки и бараше премиерот да ѝ одговори на прашање за Законот за правична застапеност поставено писмено уште пред неколку недели.
„Нема да се мрднам од говорницата додека не добијам одговор. Седницата ја блокира премиерот. Да ми одговореше на прашањето, немаше повеќе да излегувам на говорница“, рече Даути.
Даути не отстапуваше од говорницата ни откако Гаши ја потсети дека Деловникот не предвидува можност на писмено прашање да се одговара усно и дека требало денеска да се пријави и да постави прашање, па службите ѝ го исклучија тонот.
Гаши и на средбата со новинарите претпладнево појасни дека, според Деловникот, пратениците имаат право на една процедурална забелешка, иако тој им дозволува повеќе, за да не се прават тензии. На говорницата на Даути ѝ се придружија Зијадин Села и Ријад Шаќири, по што беше дадена пауза. Но, тензиите продолжија и по паузата.
„-Ова е реципроцитет. Како мнозинството се однесува со опозицијата, така и таа со нив“, изјави Фатмир Битиќи, СДСМ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски, се обидуваше да ја смири ситуацијата.
„Според деловникот, не може на писмено поставено прашање, да барате усмен одговор. Ќе добиетеписмен одговор и ако не ви се допаѓа можете повторно да го поставите прашањето. Не може поради вас 119 пратеници да не можат да постават пратеничко прашање“, реагираше тој.
Блокадата почна со Законот за правична застапеност.Пратениците од етничките заедници во опозиција се собраа и бараа да се гласа законот за да се покаже дека мнозинството нема Бадентерово мнозинство, но Гаши го одложи гласањето и останува на тврдењето дека тоа е негова деловничка можност.
-Ќе го ставам на гласање кога ќе има услови за тоа.Нема да биде ненадејно, седницата ќе биде свикана навреме, изјави денеска Африм Гаши, претседател на Собрание.
По одморот ќе треба да се бара решение и за гласање на Законот за Скопје-европска престолнина на културата, за законите од образованието и за Изборниот законик.
Далиборка Демјанска Цветановска













