Вкупно 26 пожари на отворен простор се регистрирани во земјата во последните 24 часа, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Два од нив се активни, четири се под контрола, додека 20 се изгаснати, додаваат од ЦУК.
Утрово се активни пожарите меѓу селата Копаница и Радуша во Општина Сарај, како и во штипскиот регион меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица.
Под контрола се пожарите во реонот на селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, на Градската депонија Острец во Делчево, кај селото Драгов Дол во Општина Македонски Брод и над селото Палиград во Општина Зелениково.
Во меѓувреме, изгаснати се 20 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои кај селото Градец во Општина Врапчиште, кај селото Подмочани во Ресен, над селото Нежилово во Општина Чашка, кај селото Урвич во Општина Боговиње, како и на повеќе локации во општините Гази Баба, Струга, Долнени, Кичево, Ново Село, Старо Нагоричане, Желино, Кавадарци и Свети Николе.













