Дваесетгодишната Јована Трајчевска е лице со оштетен вид. Таа е втора година на факултет и секојдневно се движи низ градот пеш или со автобус. Вели дека сообраќајната инфраструктура не е соодветно приспособена за лицата со оштетен вид. Бара повеќе звучни семафори и тактилни патеки за да може безбедно и самостојно да се движи.
„Конкретно, кај Филозофскиот факултет семафорите не се звучни, а станува збор за една голема крстосница каде има многу сообраќај. Движењето таму не е безбедно. Треба да има повеќе звучни семафори, повеќе тактилни патеки по кои ние би можеле да се движиме и сето тоа да биде повеќе уредено за да можеме ние самите да се движиме и да не зависиме од никој“, изјави Јована Трајчевска, лице со оштетен вид.
Јована вели дека проблем има и во јавниот превоз. Иако автобусите треба да имаат звучни известувања за полесно да се снајдат лицата со оштетен вид, тие ретко се слушаат.
„Ние се изборивме да има звучно известување во автобусите за да не информира на која станица се наоѓаме, која е следната постојка и кој број е тој автобус. Меѓутоа, никогаш тоа не се пушта во автобусите. Навистина е лошо нешто да се има, а да не се користи“, додава Јована.
Меѓународниот ден на белиот стап се одбележа со настан на кој лицата со оштетен вид го претставија брајовото писмо и начините на кои читаат и пишуваат. Пораката што ја испраќаат е дека е потребно поголемо разбирање за нив и прифаќање, но и создавање услови за самостојно и безбедно движење.
„Пристапноста, самостојноста и безбедноста за движење треба да ја има насекаде, бидејќи сите луѓе сме еднакви“, вели Анета Механџиска, директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
На терен, тактилните патеки се реткост. Таму каде што ги има, често се зафатени од пешаци, велосипедисти, тротинети и мотори коишто дополнително го отежнуваат движењето на лицата со оштетен вид.
Во Националниот сојуз на слепи во Македонија членуваат повеќе од 2.500 луѓе кои постојано бараат поголема институционална поддршка и подобра инфраструктура.
Тамара Марковска













