Скопје во портокалова фаза со температури близу 40 степени, а автобуси нема. Наместо разладување во климатизиран автобус, патниците чекаат по постојките и по половина час, а некогаш и подолго. Тие се жалат на нередовни и неклиматизирани автобуси, но и на неточни информации за времето на пристигнување.
Проблем, велат, се и официјалните возни распореди и апликациите за следење на автобусите во живо. Најавен е автобус, но тој не пристигнува.
„Искрено да кажам многу слабо поминуваат автобуси. Чекаме повеќе време, ама ги нема. Некогаш доаѓаат точно на време по распоред, некогаш пак ги нема“.
„Не се редовни автобусите, особено кај нас во општина Чучер Сандево чекаме по саат до два. Не можеме да се симнеме накај центар. Ако мораме негде да отидеме тогаш одиме пешки по неколку километри“.
„Тоа што го пишува на огласната табла и во реалност не е исто. Многу се ретки како за главен град во споредба со тоа колкави се потребите на патниците“.
Нередовниот превоз за граѓаните значи и доцнење на работа, училиште и отежнато извршување на секојдневните обврски. А дел од нив, поради ваквата состојба, велат дека се принудени да користат сопствен превоз.
Тоа се гледа и во последниот извештај на Државниот завод за статистика според кој бројот на превезени патници во второто тримесечје годинава е намален за 8 проценти во споредба со истиот период лани. Кај градскиот превоз падот е 11,9 проценти, а кај приградскиот 9 проценти. За разлика од нив, меѓуградскиот превоз бележи раст од 21 процент.
Според експерите една од причините за ваквиот пад може да биде и состојбата со автобусите. Последното истражување на Центарот за граѓански комуникации покажува дека ЈСП располага со 341 автобус, од кои исправни се само 185.
„Претпријатието не работи со загуба или добивка, меѓутоа има непроменливи финансии што исто така сметам дека е показател на стагнација. Не може десет години да се отприлика исти приходите, тие треба да растат нормално со пораст на инвестиции итн. Така што се ова е поврзано и упатува на тоа дека опаѓа и квалитетот на превозот и бројот на патници и се тоа укажува дека треба да се преземе нешто итно“ – вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Надлежните решението за ова го гледаат во набавка на нови автобуси. Од Министерството за транспорт најавија дека до крајот на оваа година или почетокот на наредната се очекува да пристигнат првите 30 нови електрични автобуси, а за период од година до година ипол уште 120 автобуси.
Тамара Марковска













