Политичката состојба во државата и секојдневните прeпукувања на власта и опозицијата беше една од темите во ВИН ВИН вечерва. Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека се зголемува аполитичноста кај граѓаните, и се повеќе луѓе не сакаат ниту да излезат на гласање. Според него поголем проблем е и тоа што многу паметни амбициозни луѓе кои во други времиња би влегле во политика, сега одбиваат таков ангажман – едноставно се тргаат од политиката. За разлика од Србија и Албанија во кои владите се повеќе години на власт, своите внатрешни политики ги решаваат на поинаков начин за разлика од Македонија, истакнувајки дека тоа се влади кои за разлика од македонската се повеќе години на власт.
-Не може ние да се споредиме со Србија или со Албанија затоа што таму имате две политички елити кои што владеат многу долго време. Кај нас имаме релативно нова власт. Вучиќ во Србија е 14 години, Рама во Албанија е 10-11 ние овде имаме власт која што е две години. Не можеме да се спредува состојбата овде и состојбите кои што се во Србија, Албанија, па и во Бугарија. Затоа што иако и во Србија и во Бугарија имавме на некој начин слични проблеми, тие некако поинаку се решаваат. На пример во Бугарија беше проблемот со Герб и со Бојко Борисов за потоа да видиме во три години петнаесет изборни циклуси се додека се воспостави нова власт, која што нема да биде Бојко Борисов. Иако не верувам дека неговото влијание во Бугарија не постои повеќе. Имате Србија каде што според истражувањата сега за сега се уште Вучиќ повторно има некоја најголема шанса да победи. Дали ќе остане така се разбира има вереме ќе видиме, вели Божиновски.
Зборувајки за опозицијата во Македонија, Божиносвки вели дека потребна им е консолидација, програма која ќе допре до гласачите.
-Кај нас имаме ситуација каде што актуелната власт имаше убедлива победа. Но проблемот е што опозицијата не го користи ова време од две години за да консолидира и да се огради од претходните политики кои што доведоа до тој убедлив пораз на СДСМ 2024 година. Потребна е нова програма, политика начин на кој што треба да се допре до гласачите. Се уште не го гледам тоа. На тоа мислам кога велам консолидација. Дали треба да се занимава власта со опозицијата не треба. Очигледно на политичките елити на опозицијата и на власта им е удобно во оваа позиција во која се наоѓаат. Можеби воопшто не гледаат потреба тоа да го сменат. Иако тоа кај власта можам некако да го разберам, власт е, но опозицијата мора да бара начин како да се претстави. Не е проблем што има аполитичност кај граѓаните. Има проблем и што многу паметни амбициозни луѓе кој што можеби во други времиња ќе влезеле во политиката ќе се ангажирале сега едноставно се тргаат од политиката, додава Божиновски.
Арсовски пак истакна дека анестетизирана критичка јавност и апатични заспани гласачи се сон на секоја политичка елита.
–Тоскичниот политички дискурс со адхоминем напади со шашардисана публика со пинг понг пресс конференции кои се во основа наменети за своите партиски членови, а не за општата јавност, по дефиниција повеќе им одговара на оние кои се на власт. Тие имаат што да штитат. Нивната публика знаат да ја таргетираат, не преку медиуми, тие ја таргетираат директно. Де факто на список, тие ја бранат титулата и за нив апатичен дискурс кој нема капацитет за промени е логична комуникациска стратегија, изјави Арсовски.













