Албанските медиуми објавија дека МВР на Албанија ги прогласило за персона нон грата и им забранило влез на двајца македонски државјани, контроверзниот оџа од Скопје Бекир Халими и политичарот и поранешен економски директор на скопска Гинекологија, Ваљон Беља.
Според објавите двајцата се ставени на албанската црна листа поради проценка дека претставуваат закана за националната безбедност, уставниот поредок и суверенитетот на Албанија, како и закана за јавниот ред и мир.
Албанските медиуми објавуваат дека според проценките, постојат сомневања дека двајцата се членови на терористички организации кои поддржуваат и спроведуваат анархистички дејствија против албанската држава. Во текстовите не е наведено дали забраната се однесува за активности поврзани со таканаречената фламинго револуција односно протестите во Албанија против изградба на туристички ресорти во заштитената зона во Звернец, проект кој му е доделен на зетот на Доналд Трамп.
Албанската полиција минатиот месец од граница врати повеќе лица во придружба на политичките претставници на ВРЕДИ, но нема потврда дали станува збор за истите лица. Бекир Халими е радикален оџа од Скопје, ИВЗ во 2016-та го протера од заедницата, но потоа се врати како раководител на ислмаската библиотека во Скопје. Ваљон Беља е политичар кој пред 7 години беше претставник на ДУИ и ја извршуваше функцијата економски директор на Гинекологија. Беше отворена истрага за него и тој беше разрешен од функцијата во мандатот на Венко Филипче.
По смената на Филипче, Беља беше назначен за шеф на кабинет во министерството за здравство.Претходно, од друга партија, ДПА, Беља беше и кандидат за градоначалник на Чаир.













