Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за емисијата „Клик“ на РТВ21, рече дека на земјата ѝ се потребни предвремени избори како најсоодветен начин за промена на политичката ситуација.
Според Ахмети, воспоставувањето нова политичка клима е од суштинско значење и мора да се избегне какво било понатамошно влошување на сегашната ситуација. Тој појасни дека предвремените избори не се очекуваат оваа година, но би можеле да се одржат следната година, нагласувајќи дека ДУИ е подготвена да се бори за нив во секое време.
- „Климата треба да се промени. Прилично сум сигурен дека и мнозинската партија на Македонија сфати дека работите не одат добро. Мора да се внимава при изборот и почитувањето на волјата на албанското мнозинство, а најдоброто решение би биле предвремени избори. Доколку се одржат утре, ние би биле подготвени“, рече Али Ахмети.
Toj рече дека Северна Македонија е на политичка раскрсница, поради тековните спорови со соседните земји и постојаните домашни предизвици.
Ахмети ги наведе несогласувањата на Македонија со Грција, Бугарија и Србија, како и внатрешните проблеми кои, според него, се влечат со години.
- „Северна Македонија навистина е на раскрсница. Имавме проблеми со грчката страна околу името, имаме проблеми со бугарската страна, со српската страна, а имаме и домашни проблеми, влечејќи се и справувајќи се со прашања што требаше да бидат затворени. Ова е раскрсница. Не знам колку бев буден тогаш и колку сум остар денес, но повеќето несреќи се случуваат на раскрсници. Кога сте на раскрсница, мора цврсто да го држите воланот и внимателно да управувате“, рече Ахмети.
Во интервјуто Ахмети зборуваше за својата иднина, но и за состојбите во партијата, при што призна дека по 25 години активна политичка кариера сè почесто размислува за пензионирање.
- „Искрено, јас лично размислувам за тоа, бидејќи зад мене се 25 години политика и историја. Животот во постојани активности и со состаноци носи свое оптоварување“, изјави Ахмети.
Сепак, тој додаде дека неговите сопартијци и соборци сметаат дека сè уште не е време за негово повлекување и дека неговото присуство во политиката останува потребно.
Ахмети се осврна и на кадровските промени во ДУИ, нагласувајќи дека во раководните структури веќе има значително освежување. Според него, повеќе од 83 проценти од раководството го сочинуваат нови и млади лица.
Ахмети нагласи дека бара вистинска и неселективна правда, надевајќи се дека Груби ќе биде ослободен од домашен притвор и дека постапката ќе продолжи.
- Јас бев главниот поддржувач кој побара Артан Груби да се врати во Северна Македонија за да го преземе процесот. Му реков директно: „Ако си ја злоупотребил мојата доверба, ќе одговараш“. Тој се заколна дека ќе работи чесно. И единствениот збор што ми го кажа беше: „Работев чесно“. И јавно побарав и вршев притисок врз локалната политика да го пуштат да излезе и да одговори. Но, не селективна правда, туку сакам вистинска правда. И мислам дека работите одат добро, првото нешто е да се ослободи од домашен притвор и да видиме како ќе продолжи – рече Ахмети гостувајќи во емисијата „Click Plus“ на РТВ21 во Приштина.













