Типот АХ1 е доминантниот тип на инфлуенца кој е изолиран од сите примероци што се регистрирани како позитивни во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и тоа е типичниот подтип на инфлуенца што го регистрираме, посочи доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Вториот е АХ3. Многу ретко се изолира и мислам дека минатиот месец беа изолирани само еден или два случаја на инфлуенца тип Б. Во основа се работи за клиничка слика во која претежно е доминантно покачување на телесна температура, пропратено со студ, треска, малаксаност, мијалгии, болки во зглобови, главоболка… Причината поради која вирусно се оштетува епителот на дишните патишта, потоа доведува до компликација кои се манифестираат со пневмонии, множе да се накалемат бактериски инфекции. И во такви случаи имаме потреба од хоспитализација и сериозен третман на пациентите“, потенцира доктор Мехмедовиќ.
Според него, многу мал е бројот на луѓе на кои во моментот им е потребно болничко лекување.
„Најголемата причина поради која се јавуваат компликациите се пропратни коморбидитети, возраста. На бремените жени, секако, треба да се внимава и на децата на возраст од шест месеци до пет години. Тоа се т.н. ризични категории на кои посебно треба да внимаваме и за кои е сериозно препорачано да се вакцинираат поради тоа што треба да се превенира тешка форма на болеста кај нив, која што може да се развие токмју поради тоа што се наоѓаат во таа ризична категорија“, рече доктор Мехмедовиќ.













