Корупција и криминал во државниот апарат постоела и постои, задача на ревизорите и обвинителите е да ја сведат на што е можно пониско и прифатливо ниво и затоа е потребна подобра соработка, измени во начинот на функционирање и користење на извештаите и законски измени.
Ова е ставот на првиот човек на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, кој го отвори Регионалниот форум за превенција на корупцијата и проценка на ризиците од корупција во Западен Балкан, што се одржува денеска и утре во Скопје, во организација ДЗР.
Најголема инвестиција треба да има во превенцијата, а тоа може да се постигне со менување на начинот на функционирање размислување како и обука на службениците во јавниот сектор. Јавната администрација постои за граѓаните, а не граѓаните за јавната администрација, дециден е ревизорот Ацевски.
-Криминалот и корупцијата во јавната администрација постоел и ќе постои. Но, ние треба да се трудиме да ја сведеме на прифатливо ниво и во исто време треба да ги градиме капацитетите на нашите вработи, да градиме знаење и вештина на нашите вработени, колку може повеќе да ги откриваме и да имаме развиени вештини за детектирање на таквите состојби во насока на превенираме. Најголемата инвестиција е во превенцијата, изјави Ацевски.
Во извештаите на ДЗР за работењето на државните институции речиси без исклучок се нотирани пропусти, финансиски малверзации и злоупотреби, но ретко тие заклучоци се користат од истражните органи како допрен глас или доказ. Ацевски е задоволен што голем дел од институциите постапуваат по забелешките на ревизорите но смета дека тоа не е доволно.
-Сметам дека има одредена состојба која треба да ја надминеме во наредниот период и тоа е во делот на она што значи ревизорскиот извештај. Треба да преставува и основа за поднесување на конечна пријава а не основа за вештачење од страна Јавното обвинителство бидејќи Јавното обвинителство од добивање на самиот ревизорски извештај дава наредба за вештачење на утврдените состојби и тоа треба да се надмине. Мора да му се даде третман на конечниот ревизорски извештај како доказ за преземање на одредени обвинителски активности. Со измените и усвојувањето на новиот Закон за државна ревизија се воспоставува можност ДЗР да изрекува соодветни прекршочни активности за непостапување по дадените препораки, истакна Максим Ацевски.
Ревизорските извештаи за Онкологија, државната Лотарија и болницата во Прилеп се три случаи за кои сега веќе се води судска постапка а основ на поднесените обвиненија се наодите на ревизорите.
Собранието, кое има меморандум за соработка со ДЗР, речиси никогаш не ги разгледува извештаите јавно на пленарна седница туку тоа го прави Комисијата за финансирање и буџет односно телата за надзор на трошењето на буџетските средства и тоа во иднина може и треба да се смени.
–Најмногу зависи од Комисијата за финансирање и буџет како работно тело кое е стручно во тој дел. Секогаш кога ќе привлече некој ревизорски извештај внимание тој мора да биде разгледуван а со разгледувањето на пленарна сесија за нас има особено значење бидејќи како пратеници стануваме свесни за одредени можни девијации и даваме дополнителна јавност на извештаите на ДЗР а добар дел од нив, колку што знам, во минатото биле разгледувани од Јавното обвинителство што е постигнување на одредена цел, изјави Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието на Р: Македонија
Според амбасадорот на Шведска – Ола Солстром на спречувањето и борбата против корупцијата мора да се посвети огромно внимание бидејќи на тој начин се зајакнува демократијата.
Огнен Чанчаревиќ













