Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази не ги коментира обвинувањата на премиерот Мицкоски дека како долг кон претходната влада, пред крајот на мандатот, го затворил предметот за модуларните болници иако во пожар во една од нив изгореа 14 луѓе. Од обвинителството велат дека остануваат на ставот дека нема да коментираат политички изјави.
ВМРО ДПМНЕ и денеска на прес го обвинија Абази дека го спасува Филипче. Болниците кои биле набавени и поставени како стоки и во ниту еден случај не можат да бидат користени како објекти за здравствена дејност, биле направени според техничка спецификација на лице поставено од Филипче, рекоа од партијата
- Економскиот директор на тетовската болница, каде што се случи пожарот, до последен момент се противел на поставување на модуларните болници, бидејќи не се опремени за да се издава здравствена и медицинска нега ниту пак биле во рамките на законските прописи. Сепак, со одлука на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, модуларните болници се пуштаат во употреба. Клучен факт е дека во моментот на критичниот настан, модуларната болница во Тетово нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство – Миле Левков, ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ Филипче вчера рече дека одлуката на обвинителството потврдува дека во неговото работење нема злоупотреба и очекува премиерот и партијата да им се извинат на семејствата на жртвите и на граѓаните затоа што 5 години си поигрувале со нивните емоции и штителе лажни вести а него го нарекувале убиец и д-р Менгеле.
На брифингот со новинарите Абази потенцираше дека нивната резолуција со која за запира предистрагата не е конечна одлука и дека во секој момент може да има нови сознанија или доказ повторно да се отвори.
Се наметна и прашањето дали и кој може да поднесе жалба до вишото обвинителство. Деновиве од ОЈО ГОКК објаснуваат дека нема кој да се жали затоа што предметот е отворен по допрен глас не по конкретна пријава а ниту е утврдна штета.
Апсолутната застареност за злоупотреба на службената положба согласно измените на КЗ од 2023 е 10 години.
Обвинителството објаснуваше дека ја истражувале само постапката за јавните набавки за 19-те модуларни болници и не нашле докази за злоупотреба.
Како понатаму се користеле овие монтажни болници анализирано во од овој предмет.
Сепак обвинителката Бержетска кажа дека модуларните биле предвидени за полесно билни пациенти и според процедурата не требало да има кислородни инсталации иако во тетовската и во други се користела кислородна поддршка за пациенти.
Елена Ивановска Мукоска
Б.С.













