Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Со 48 настани и над 700 уметници „Охридско лето“ го заокружи 66. фестивалско издание

/

Култура

Сподели преку :

Со четириесет дена исполнети со музика, театар, балет и џез, фестивалот „Охридско лето“ и ова лето ја потврди својата позиција како еден од најзначајните културни настани во земјава и препознатлива европска фестивалска сцена. Шеесет и шестото издание донесе исклучително богата програма, врвни уметници од повеќе земји, полни концертни простори и публика која со своето присуство и аплаузи покажа дека Охрид повторно живее со уметноста.

Годинашното издание понуди 48 фестивалски настани, музички концерти, театарски претстави, џез и балетска вечери, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји.

Од свеченото отворање со грандиозната оперска гала „Љубов“, до завршните фестивалски денови, сцените на „Охридско лето“ беа места на средби на врвни домашни и странски уметници и бројна публика. Особено силен впечаток остави свеченото отворање на Античкиот театар, каде светската оперска ѕвезда Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет и под диригентската палка на Марко Боеми, приредија спектакуларна музичка вечер.

-Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика која беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што интересот беше огромен уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат. Тоа е најубавата потврда дека публиката го препознава квалитетот кој го понудивме на ова 66. „Охридско лето“ – вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Во изминатите 40 дена Охрид беше домаќин на уметници со исклучителни кариери и препознатливи имиња од светската и европската културна сцена. Концертите донесоа различни музички естетики, од врвната класична музика и опера, преку камерните настапи, до современи музички форми со што на посетителите им се понуди разновидност, квалитет и незаборавни уметнички доживувања.

Посебно место во програмата имаше OH, JAZZ 2026, со четири џез-вечери кои го збогатија фестивалскиот репертоар и донесоа современ звук и светски познати имиња. Публиката имаше можност да ги слушне и уметниците како Нубаја Гарсија и Питер Сомуа, во атмосфера која уште еднаш покажа дека „Охридско лето“ успешно ги поврзува традицијата и современите уметнички текови.

Фестивалот не беше само музика.

Театарската програма понуди внимателно избрани претстави, а балетската вечер со „Кармен сюита“ и „Болеро“ внесе раскош, движење и визуелна динамика на фестивалската сцена. Во „Света Софија“ се одржаа и низа исклучителни камерни и вокално-инструментални концерти, меѓу кои и незаборавните вечери посветени на европската и светската музичка традиција.

Значаен дел од фестивалската програма беа и настаните посветени на македонското културно наследство. Со посебно внимание беше одбележана 100-годишнината од раѓањето на Ана Липша-Тофовиќ, преку промоцијата на монографијата посветена на нејзиниот живот и творештво.

Посебна музичка приказна и рекордна посетеност на сцените Предворје на Света Софија и Долни Сарај донесоа концертите на Стефан Миленковиќ, Ана и Игор Дурловски и Националниот џез-оркестар.