Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Недостигаат конзерватори за ѕидно сликарство и историчари на уметност во Националниот конзерваторски центар

/

Култура

Сподели преку :

Недостигаат конзерватори за ѕидно сликарство, кои ја вршат непосредната заштита на културното наследство и историчари на уметност, кои претходно треба да ги детектираат оштетувањата, алармира директорот на Националниот конзерваторски центар.

Според Александар Јорданоски иако добиваат пари, не можат да ги реализираат проектите, а надлежни се за 32-те општини во Македонија, за останатите споменици на културата под надлежност на регионалните заводи за заштита, како и за стручна контрола или конзерваторски надзор.

Директорот смета дека причина за тоа е лошата политика за вработување, од 90- тите години на минатиот век, наваму.

Значи не се внимавало на вработување на стручен кадар. Имаме доминантно вработување на придружен кадар во установите, кој што не е носечки. Носечкиот кадар остарува, заминува во пензија, но многу тешко се обновува, кажа Александар Јорданоски- директор на Националниот конзерваторски центар.

Друг проблем е и отсуството на интерес кај младите да студираат на Катедрата за историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет, вели Јорданоски. Според него, сега Националниот конзерваторски центар има еден конзерватор-советник за ѕидно сликарство и тројца историчари на уметност.

Но, еден од историчарите на уметност ќе замине во пензија за два месеци, а другиот за две години, па Конзерваторскиот центар ќе остане со еден конзерватор и еден историчар на уметност.

Поради тоа нема континуирани зафати за конзервација и реставрација, чиј интердисциплинарен карактер вклучува и архитекти, археолози и градежни инженери.

Нема простор за континуитет, за жал. Ние не можеме да направиме интервенција затоа што се работи за полуградежна работа. Значи се работи за фрескоживопис, вели Јорданоски.

Од Министерството за култура и туризам велат дека помагаат во обезбедување стручен кадар во заштитарството, со финансирање обуки и специјализации во земјава и странство преку Годишниот конкурс за дефицитарни кадри и преку студиски престои во реномирани институции.

Признаваат дека НКЦ има проблем со кадар, особено од 2022 година наваму, кога 8 стручни лица заминале во пензија.

Сугерираат, Центарот да достави План за вработување, во кој што ќе ги внесе потребните стручни профили, а документот треба да го одобрат министерствата за јавна администрација и за финансии.

Во целата постапка за вработување на овие лица, улогата на Министерството за култура и туризам е само во проследувањето на барањето за вработување од Националниот конзерваторски центар до Министерството за финансии, рекоа од Министерството за култура и туризам.

На одржаната средба со министерот за култура и туризам Сулејмани, им било ветено дека проблемот со недостигот на кадар ќе се решава од 2027 година, така што ќе бидат одобрени за 50% повеќе вработувања од досегашните 10%, дополнува Јорданоски од НКЦ.

Сотир Трајков