Македонската кинематографија освои 14 номинации во седум категории од Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот регион (AFA). Тие се однесуваат на наградите за престојното издание на Adriatic Film & TV Awards – AFA Awards 2026. Наградите ги вреднуваат најзначајните филмови и телевизиски серии од регионот, за кои годинава се доделуваат признанија во 10 категории, од кои седум филмски и три телевизиски.
Филмот „ Диџеј Ахмет “ на режисерот Георги М. Унковски освои 7 номинации. За најдобар филм, најдобра главна актерка – Дора Акан Златанова, најдобар главен актер – Ариф Јакуп, ѕвезда во подем – Ариф Јакуп, најдобра режија – Георги М. Унковски, најдобро сценарио – Георги М. Унковски и најдобар дебитантски филм – Георги М. Унковски.
Остварувањето „Мајка“ на Теона Стругар Митевска доби 5 номинации. За најдобар филм, најдобра главна актерка – Нуми Рапас, најдобар главен актер – Никола Ристановски, најдобра режија – Теона Стругар Митевска и најдобро сценарио – Гоце Смилевски, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска.
Филмот „Павилјон“ доби номинација за најдобра главна актерка – Јасна Диклиќ, а „ Фантази“ за најдобар дебитантски филм – Катарина Богдановиќ – Кукла.
За номинациите одлучуваа повеќе од 800 членови на Филмската и ТВ академија на Јадранскиот регион. Мрежата на фестивали во Јадранскиот регион ја сочинуваат Филмскиот фестивал во Сараево, фестивалот во Загреб, Фестивалот на авторски филм во Белград, фестивалот во Херцег Нови, македонскиот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и филмскиот фестивал во Љубљана.
Свеченото доделување на AFA наградите ќе се одржи на 24 октомври во Тиват, во центарот на џет сетот Порто Монтенегро.












