Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Зголемувањето на буџетската дупка ќе ја доведе Македонија до грчко сценарио обвинува опозицискиот СДСМ – власта анализира дали ќе се прави ребаланс

/

Економија

Сподели преку :

Зголемувањето на буџетската дупка која се покрива со задолжување ќе ја доведе Македонија до грчко сценарио да ја управува надворешен борд, обвинува опозицискиот СДСМ.

На партиска трибина во скопски аеродром, лидерот на СДСМ Венко Филипче вели дека со скапите задолжувања, владата свесно ја тера земјата во уште подлабока економска криза.

„Ако продолжи оваа буџетска дупка да расте, како што сè повеќе расте во изминатите две години, вклучувајќи ја и дупката во пензискиот фонд, за две години е дуплирана. Не е шега работата, од 500 милиони евра дупката е милијарда евра, луѓе. Милијарда евра фалат за да се исплатат пензиите, ги нема во пензискиот фонд, треба да ги даде државата. Кога економијата не работи, од каде ќе ги најаде парите? Од заеми. Ќе завршиме како Грција. На крај ќе стигнеме до борд да ја води земјава“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ

Телма вчера објави дека на повеќе од три месеци до крајот на годината веќе е потрошен целиот буџетски дефицит предвиден за до крајот на годината.

Алатката фискален бројач на Министерството за финансии покажува дека заклучно со 22 септември, во буџетот биле прибрани скоро 252 милијарди денари, но биле потрошени над 298 милијарди денари, односно направен е буџетски дефицит од над 46 милијарди денари, колку што беше предвидено за целата година.

За да се оствари планираното, државата треба до крајот на годинава да не троши повеќе од што прибира.

Во Министерството за финансии, пак велат очекуваме дополнителни приходи, бројките треба да се гледаат на крајот на месецот. Се прават последните анализи дали ќе има потреба да се прави нов ребаланс.

„Имаме очекувања во делот на приходната страна да имаме зголемување. Следува месец септември и понатаму, каде што се очекуваат предвидените приходи во буџетот. Она што евентуално би дошло како резултат на некое евентуално неповолно меѓународно случување, тогаш ќе излеземе во јавност и ќе кажеме дали има потреба или нема потреба од евентуален ребаланс или евентуална прераспределба на буџетските средства до крајот на годината“, вели заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Додека се размислува за нов ребаланс, два месеци по претходниот, во Министерството за финансии работат и на буџетот за наредната година.

Срѓан Стојанчев